Голем број на чувства нѐ преплавуваат размислувајќи за коронавирусот. Се грижиме за себе и за здравјето на нашите најблиски. Некако сегашноста ни изгледа збунувачка, а иднината неизвесна. Но, додека најмногу внимание посветуваме на нашето физичко здравје, често забораваме дека исто така многу значајно е да се грижиме и за нашето ментално здравје. Менталното здравје подразбира позитивна физичка, социјална и ментална состојба. Да се грижиме за нашето ментално здравје и нашата добросостојба, значи да обрнеме внимание на повеќе аспекти од нашето живеење.

 

Зборувајте за Вашите чувства и останете во контакт.

Треба да знаеме дека е нормално да се чувствуваме тажно, збунето, исплашено, луто, … за време на корона кризата. Во моменти кога ви е тешко, зборувајте за чувствата и со тоа си помагате себеси да останете во добро ментално здравје. Потребата за приврзување со други луѓе или „атачментот“ е основна потреба преку која сме започнале да го осознаваме светот околу себе и затоа релацијата е, велат, лечебна. Да се биде во контакт со другите и да се зборува за своите чувства не е знак на слабост, туку е можност за споделување и справување со одреден проблем преку поддршка од блиски личности во Вашиот живот. Побарајте ги Вашите најблиски пријатели и семејството. Тие можеби ќе Ви откријат некое ново видување на работите околу Вас. Зборувањето со луѓе на кои им верувате може да Ви помогне. Затоа, останете во контакт!

Хранете се здраво.

Голем број истражувања покажуваат дека храната влијае врз нашето расположение. Чувството на добросостојба може да биде овозможено преку здрава храна и адекватен внес на витамини, минерали и вода. Обидете се да го намалите внесот на алкохол или пијалаци со многу шеќер.

Бидете физички активни.

Голем број студии покажаа дека физичката активност може да биде многу полезна во намалување на стресот, анксиозноста и депресијата, бидејќи со физичката активност се поттикнува излачувањето на хормонот на среќата. Редовната физичка активност може да ја зголеми Вашата самодоверба, да влијае позитивно врз концентрацијата, спиењето, позитивното чувство за себе и менталното здравје. Физичката активност може да ја направите во природа, парк или пак дома, во периоди на рестрикции во движењето. Постојат бројни програми достапни преку интернет за физичка активност во домовите. Потребно е само да го одберете она што Вам најмногу Ви се допаѓа.

Одморете се

Обидете се да направите добар ритам во спиењето. Обидете се да спиете 6-8 часа во текот на ноќта.  Добриот одмор и сон делуваат позитивно на целокупниот нервен систем и на менталното здравје.

Направете рутина на активности во текот на денот

Добро е да знаете дека неможе да гинаправите сите работи наеднаш. Можеби е потребно да направите листа на приоритети кои сакате да ги постигнете и да го реорганизирате Вашиот живот. Направете распоред на активностите и временска рамка за тоа кои активности ќе ги реализирате и во кое време. Со тоа ќе се заштитите од стресот и ќе имате време за сите активности. На крајот од денот ќе се чувствувате поисполнето и со поголема самодоверба.

Направете пауза

Променето го местото каде се наоѓате. Тоа може да биде пет минути пауза на свеж воздух, пауза за овошје или ужина, вежби за дишење или медитација. Некогаш тоа може да бидат заеднички игри со семејството или пријателите. Идентификувајте го тоа што најмногу Ве релаксира и земете си време за себе и за нешто ново, бидејќи така му овозможувате на мозокот нови дразби, кои делувааат позитивно на Вашето ментално здравје.

Побарајте помош

Никој од нас не е суперхерој. Сите ние понекогаш сме преплавени од нашите чувства или пак работите не се одвиваат онака како што сакаме или сме планирале. Доколку чувствувате дека неможе да се справите со работите околу Вас, секогаш побарајте помош од семејството, пријателите или други значајни личности од Вашиот живот.

 

Едноставните работи го чинат животот убав и возбудлив. Да го гледаме и да го живееме животот во неговата неповторливост и сѐопфатност. Да се грижиме за нашето ментално здравје значи да бидеме активни, да се сакаме себе си и другите, да споделуваме, да љубиме, да твориме, да учиме нови работи и да бидеме благодарни на природата и нејзината убавина.

Автор на текстот: Доцент д-р Димитринка Јорданова Пешевска,

Универзитет Американ Колеџ, Скопје, Катедра за психологија