Денеска светот го одбележува Светскиот ден на дебелината, всушност  секоја година се слави на 4 Март и  Светската здравствена организација (СЗО) секоја година алармира за да се подигне глобалната свест за превенција и управување со дебелината.

Дебелината е еден од најголемите предизвици на сегашниот здравствен систем ширум светот, бидејќи се должи на повеќе фактори, од кои некои се надвор од нашата контрола – генетски, хормонални или еколошки фактори. Декларирано е како хронична болест/ заболување , со метаболички и/или неметаболни компликации, кои мора да бидат проценети, следени и третирани од мултидисциплинарен тим. Управувањето со дебелината мора да продолжи подолг временски период, за време на кој пациентот исто така може да има корист од когнитивно-бихевиорална терапија (индивидуална/или групна) за да го поддржи во промената на новите животни навики. Значи, фокусот не е само на слабеење, туку и на ментални промени, на нов начин на размислување и дејствување, како и на третман на придружни компликации.

Според најновата студија која е објавена во „The Lancet“ покажува дека, во 2022 година, повеќе од една милијарда луѓе во светот се соочуваат со дебелина. Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите – од пет до 19 години.

Кај нас во  Македонија, 28,4 отсто од возрасните живеат со дебелина. Кај нас, дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6 проценти, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто, споредено со 1990 година, стои во објавата на веб-страната на ИЈЗ.

Повеќе од 10 години, Институтот и центрите за јавно здравје ја спроведуваат Иницијативата за следење на дебелина кај децата на Светската здравствена организација (СЗО), позната под акронимот COSI, имплементирана во 45 држави од европскиот регион.

– Оваа  е најмасовниот систем на следење на трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата, преку стандардизирани антропометриски мерења и процена на детерминантите на дебелината во семејната и училишната средина. Најновите податоци покажуваат дека 30,5 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст во нашата држава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, 13,8 проценти од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина. Дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина што влијаат врз дебелината, до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување, посочуваат од ИЈЗ.