Фонолошко-артикулативните нарушувања кои се нарекуваат дислалии претставуваат говорно нарушување кое се манифестира со неможност за изговарање одредени гласови, неправилен изговор на одредени гласови, замена на некои гласови и испуштање и преместување слогови во зборови. Дислалијата како појава почесто ја сретнуваме кај деца кои покажуваат  дислексија, дизартрија или некоја недограденост во полето на сознајната организација  (дискогнициите) на пример појавата на дислалија и дислексија укажува на проблемот на гностичката организација, која се јавува како нивни заеднички именител. Дислалијата кај деца кои покажуваат добар развој на интелигенција и каде  односите во семејството се погодни за развој на децата, исчезнува некаде по 5 година.

Клиничка слика:

-Дислаличното дете добро ги формира самогласките.

-Детето покажува проблеми во говорот при изговор на согласки и тоа особено когатреба диференцирано да ги изговори сродните согласки.

-Слухот кај децата е зачуван.

-Детето добро ги распознава сродните согласки  Ш и  Ж или П и Б, но тоа што сетилото не може да ги повтори, двата фонема ги изговара нешто помеѓу.

-Дислаличните деца покажуваат одредена недограденост на психомоторните активности како што е често присутна недоволна хармоничност на движењата по ритмот.

– Дислаличните деца покажуваат забавеност во диференцирање на функциите на праксогностичките активности во целина.

Дислалијата во вид на ( тепање ) или “говор кој служи за мазење” го среќаваме кај децата кои се поврзани за мајките и растат во презаштитничка средина. Нервната спремност кај овие деца е недоволна да развијат хармоничен говор.Децата со дислалични проблеми често пати се изложени на потсмев на другите деца и емоционално и социјално трпат.

Во училиште најчесто покажуваат проблеми во совладување на читањето, што уште повеќе ја зголемува нивната анксиозност и несигурност и прогласувани се за “мрзливи” па дури и за “ретардирани” деца, а тогаш дислалијата е во контекст на  проблемот на совладување на читањето и присутната емоционална инхибиција Развојот на изговорот се одвива постепено, низ фази на забрзан развој и фази на побавен развој и трае се до 7-8 година кога и говорот се автоматизира.

Првите зборови најчесто ги содржат плозивите, и тоа лабијалните П, Б, денталните Т, Д, назалите М, Н, и вокалот А. Значи првите зборови најчесто се: мама, баба, папа, нана, дада, тата итн. Од овие основни структури со варијации на вокалите ќе се издиференцираат и другите зборови. Поголем  број истражувачи сметаат дека околу третата година веќе базата на говорот е готова. Тоа не значи дека детето правилно ги изговара сите гласови, како и дека говорот повеќе нема да му се развива, туку значи дека детето го усвоило она најосновното што е потребно за комуницирање со околината.

До три години детето правилно треба да ги изговара гласовите : п, б, т, д, к, г, м,н, ј, ф, в,х,л, а,е, и, о, у, другите можат да бидат неправилни. На 4,5 години детето треба правилно да ги изговара гласовите с,з, ц, а на возраст од 5,5 години правилно треба да ги изговара и гласовите ш, ж, ч, ѓ, џ, гласовите л, р детето треба правилно да ги изговара на возраст од 4 години.

 

Табела бр 1. Возраст на која се јавуваат одредени гласови

 

Возраст               Гласови
3 години п,б,т,д,к,г,м,н,ј,ф,в,х,л,а,е,и,о,у
3,5 години Њ
4 години л, р
4,5 години с, з, ц
5,5 години ш, ж , ч, џ, ќ, ѓ

 

Ако неправилниот изговор потрае и по наведените граници, треба да се побара помош од логопед. Овде треба да се напомене дека возрасната граница и степенот на неправилниот изговор не се единствен критериум за проценка на погрешниот изговор

 

Оштетување на слухот

 

Говорот се учи со слушање. Губењето на слухот особено негативно влијае на учењето на говорот. Оштетувањето на слухот може да биде:

  • Благо оштетување (26 до 40db)
  • Умерено оштетување ( 56 до 70db)
  • Тешко оштетување (71 до 91db)
  • Многу тешко ( над 91db)
  • Тотална глувост.

При најмало отстапување на слухот артикулацијата на гласовите почнува да страда т.е се појавува неправилна детекција, дискриминација и интеграција, односно правилна перцепција на гласовите.

Психолошки фактори: Понекогаш се случува да не постои ниту еден од горе наведените фактори, а детето кое е на седум или осумгодишна возраст се уште да зборува како бебе.

Наследни фактори: Говорот не се наследува но се наследува конституцијата на говорниот механизам. Влијанието на погрешниот говор врз говорот на детето може да биде посебно силно ако детето има слична конституција на говорниот апарат како неговите родители. На ова може да се надоврзе и психолошкиот фактор на идентификација со саканото лице. Тогаш се испреплетуваат наследните, срединските и психолошките фактори.

Постојат три основни категории: 1.омисија-недостаток на некои гласови, 2.супституција-замена на неразвиени гласови со глас кој веќе постои, 3.дисторзија-разни типични и атипични оштетувања на одредени изговорени гласови.

 

 

 

Најчести фонолошко артикулативни нарушувања се:

Сигматизам– пореметување  при неправилен изговор на гласот С,

Ламбдацизам – пореметување на изговор на гласовите Л и Љ

Капацизам– пореметување на гласот К

Гамацизам – пореметување на гласот Г

Тетизам-говорот неразбирлив, често детето се служи со мимики и гестови за да биде разбрано

Ротацизам- неправилен изговор на гласот Р итн.

Најголемиот дел од говорните пореметувања се јавуваат во најраното детство помеѓу втората и петата година од животот. За сите артикулационо-јазички пореметувања се препорачуваат пред- вежби за јазичната мисла, акустичко внимание, меѓутоа не треба да се форсираат поедини гласови како на пример гласот Р во третата година затоа што сеуште не е дојдено до природно созревање  на психомоторната основа. Многу битен фактор во раното откривање на артикулативните проблеми и останатите проблеми во говорот имаат родителите и воспитувачите во предучилишните установи.

 

 Автор:         М-р  Ивана Урдаревиќ,   лиценциран логопед

                                        Специјален едукатор  и рехибилитатор

e-mail: ivana_logoped@live.com

Photo by Janko Ferlic from Pexels