Како влијае менопаузата кај жените?

Менопауза претставува период од животот на жената  во кој престанува менструалниот циклус а со тоа  репродуктивниот период.


Овој физиолошки процес е последица од намалување на функцијата на јајниците (овариуми), а со тоа и намалување на производството  на главните полови хормони – естроген и прогестерон.

Јајниците во  површинскиот слој содржат фоликули, односно формации исполнети со течност во кој се наоѓаат јајце клетки. Секој месец од 3- 10 јајце клетки започнуваат да растат, но обично само една од нив потполно созрева и со прскање на фоликулот или овулација се исфрла во јајцеводот. Секој месец за време на созревањето на фоликулот во циркулацијата се ослободуваат хормоните кои се одговорни за настанувањето на менструалниот циклус кај жената. Се смета дека просечно жената во својот репродуктиве период има околу 380 – 400 менструални циклуси, и дека овулираат во просек околу 400 зрели јајце клетки. После 40 година од животот бројот на фоликули е се помал. Со престанување на создавање на фоликулите ( односно јајце клетките), жената влегува во менопауза. Со ова престануваат менструалните циклуси а со тоа и продукцијата на хормоните, што доведуваат до бројни клинички симптоми.

 

  1. Видови на менопауза

Менопауза како физиолошки период се констатира дека настанала доколку кај жената последните 12 месеци изостанал менструалниот циклус.   Менопаузата обично настанува меѓу 49 и 52 година од животот. Менопауза може да се јави и пред 40 тата година од животот на жената и тогаш говориме за предвремена менопауза ( menopausis praecox). Ако пак менопаузата се јави после 55 тата година зборуваме за доцна менопауза (menopausis tarda).

 

  1. Фази во менопауза

Жената поминува низ неколку фази пред конечно да настапи менопаузата.

Преоден или транзициски период кон менопауза настанува   10 години пред дефинитивно да престане менструалниот циклус, кога започнува да опаѓа репродуктивната способност на жената. Во овој период жената потешко забременува а ризикот од спонтани абортуси е зголемен.

Перименопауза представува периодот пред дефинитивно јавување на менопаузата. Тоа е период во кој се јавуваат пореметени циклуси, неуредни и нередовни крварења, како и вазомоторни тегоби.

 

  1. Клинички сиптоми

 

  1. Врели (жешки) бранови т.е. валунзи

Врел бран е ненадејно зацр­венување на кожата на главата, на вратот и на градите. Некогаш, после врелиот бран, дишењето и срцевата акција се забрзани. Овие симптоми може да траат само неколку минути, но може да се јават и повеќе пати во денот. Почести се навечер и можат силно да го нарушат типот на сонот, што од своја страна ќе предизвика раздразнетост во текот на наредниот ден. Брановите обично се јавуваатг подолго од една година, но обично не се подолготрајни од пет години. Не се знае точно на кој начин намалено­то количество на естрогени води кон врели бранови, но, дополнителната терапија со естрогени може да помог­не да се намали честотата и јачината на валунзите или комплетно да ги от­страни.

  1. Непријатност при спиењето

Жените кои минуваат низ менопауза можат да страдаат од несоница, затоа што не можат да спијат заради жешките валунзи. Во периодот на менопауза, освен снабдувањето со естроген, опаѓа и снабдувањето со прогестерон.

  1. Вагинална сувост

Заради намалувањето на производството на естроген, кој е одговорен за одржување на влажноста на вагината, вагиналното ткиво почнува да се суши и станува помалку еластично.

  1. Напнатост и депресија

Чувството на напнатост, изиритираност и депресија можат да ја совладаат жената која минува низ менопауза. Вознемиреност и чувство на губење на емоционалната стабилност се вообичаени симптоми, како и напади на паника и физички знаци, како забрзана работа на срцето и отежнато дишење.

  1. Хормонална нерамнотежа

Чест симптом на влегување во менопауза е и постоењето на хормонална нерамнотежа која се гледа во промените во растот на косата. Заради намаленото производство на естроген може да дојде и до проретчување или губење на косата.

  1. Болки во екстремитетите

Заради хормоналната неурамнотеженост екстремитетите полека отекуваат и почнуваат да болат. Меѓутоа, колку е болката позачестена и понеподнослива, треба да се оди на лекар.

  1. Остеопороза

Естрогените помагаат да се спречи губењето на калциум и да се одржи структурата на коските. После 30-35 година, започнува калциумот да се губи од коските и тие стануваат по­тенки и послаби. Овој процес нагло се забрзува после менопаузата. Ова се вика остеопороза. Покасно во живо­тот, коските се многу понежни и многу полесно се кршат.

  1. Зголемен ризик од срцево заболување

После менопаузата, ризикот од срцеви заболување расте. Една причина за појава на ова е дека не­достигот на естрогени предизвикува пораст на нивоата на холестеролот, особено на тој со мала густина (ЛДЛ-холестерол). Нивото на холестеролот со висока густина (ХДЛ-холестерол), кој што го нама­лува ризикот од срцево заболување, се намалува кога опаѓа нивото на ес­трогенот.

 

  1. Како менопаузата делува на кожата

 

Промените на кожата во менопаузата се разликуваат и варираат  кај жените. Кај некои жени тоа е период на постепено менување на кожата, а кај други представува период на сигнификантни и рапидни промени на кожата. Менопаузата предизвикува брзо стареење на кожата, како и појава на козметичките промени како брчки и опуштеност, и структурни промени како истенчување на епидермалниот слој. Сувоста на кожата најчесто представува прв симптом за започнување со процесот на  стареење на кожата во менопауза а забрзана е и загуба на затегнатоста и еластичноста на кожата.

Колагенот , клучната компонента на кожата, обично во најголем процент се губи уште при самото влегување во менопаузата. Во првите 5 години жената може да изгуби 30% од вкупниот колаген во нејзината кожа. Потоа стапката на колагенот се намалува за околу 2% годишно во следниот период. Менопаузата е период на рапидни хормонални промени, клучно е забрзаното губење на создавањето на естрогенот., што настанува како резултат на престанување на фунцијата на јајниците во менопаузата. Во репродуктивниот период на жената најголемиот дел од естрогенот го лачат јајниците.

 

Естрогените хормони се од суштинско значење за хидратацијата на кожата бидејки тие ја предизвикуваат синтезата глукозаминогликаните во дермисот кои се одговорни за создавање на колагенот, придонесуваат за згоолемено лачење на себум, ја зголемуваат задршката на вода, ја подобруваат заштитната функција на stratus corneum.

Намаленото количество на естроген во телото предизвикува и намалена продукција на глукозаминогликаните во дермисот на кожата, кои со текот на времето предизввикува намалено создавање на колаген. Разградувањето на еластичните влакна во дермисот исто така настануваат како резулатат на намалено создавање на естрогенот, а како резултат на ова се јавува и намалена поврзаност на клетките во кожата и намалена концентрација на крвни садови во  дермисот. Сето ова резултира со истенчување на дермисот ( дермалниот слој) на кожата.

 

  1. Промени на кожата

Овде ке наброиме неколку клучни  кожни промени кои се јавуваат како резултат на намалената концентрација на естрогените во организмот.

  1. Намалување на мускулната маса

За време на менопаузата жените ја губат мускулната маса и мускулниот тонус што предизвикува опуштање на кожата.

  1. Намалување на дебелината на кожата

Кожата на лицето станува потенка и попровидна. Ова резултира со појава на брчки особено околу устата и околу очите.

  1. Сувост на кожата

Кожата продуцира помалку себум за време на менопауза што резултира со појава на сувост. За жените кои имаат масен тип на кожа ова не представува голем проблем, меѓутоа за жените со друг тип на кожа особено кај оние со сува кожа представува опасност за појава на интензивна сувост, појава на длабоки брчки како и појава на вагинална сувост. Жените во менопауза често имаат чуство на чешање на кожата кое е предизвикано од дехидрацијата на кожата.

  1. Смалување на еластичноста на кожата

Со влегување во менопауза се намалува и нивото на еластин, па како резултат на ова се намалува и еластичноста на кожата, се јавуваат фини линии, брчки и опуштеност на кожата.

Брз начин за да ја тестирате еластичноста на кожата може да се направи ако се фати кожата со два прста, потоа се оптегне и така да се задржи неколку секунди. Потоа кожата наеднаш се пушта. Кожата богата со многу еластин веднаш се враќа во првобитната положба, како гума,  додека кожата која има мало количество на еластин споро ке се врати во почетната позиција.

  1. Драстично намалување на колагенот

Како што се намалува концентрацијата на еластинот во кожата, така се намалува и концентрацијата на колагенот. Колагенот дава ефект на исполнетост на кожата, па со негово  намалување кожата се опушта и се јавуваат длабоки брчки. Овој ефект најмногу е видлив на мимичките линии на лицето како што се брките на челото, назолабијалните бразди и брчите околу устата, па тие стануваат подлабоки и повидливи.

  1. Намалување на гукозаминоглуканите (ГАГ) кои даваат ефект на ,,исполнетост,, на кожата
  2. Појава на длабоки брчки
  3. Процесот на заздравување на кожата е послаб, а зголемена е чуствителност на трауми
  4. Појава на несакани влакна на лицето
  5. Намалување на влакнетоста на скалпот 

 

  1. Нега на кожата 

    1. Хидратација

Хидратацијата е прв и основен чекор за здрав  изглед на кожата во сите периоди од животот, но особено е значајно во периодот на менопауза. Ова произлегува од фактот за дехидратација на кожата во овој период што се јавува пак како резултат на намалена способност на рожестиот слој на кожата за акумулација на вода. За да се намали сувоста која се јавува неопходно е внесување на многу вода во организмот и употреба на соодветни хидратантни креми за лице.

За хидратацијата да биде уште поголема потребно е да се зголеми и внесот на Витамин Ц во организмот. Витаминот Ц е одговорен за врзувањето на течностите во организмот, ги ревитализира клетките и го ослободува организмот од слободни радикали кои се одговорни за забрзано стареење.

2. Соодветно чистење на кожата

Чистењето е важен чекор за правилна нега на кожата. Ова е особено важно во периодот на менопауза, бидејки како што споменавме во овој период се јавува сувост на кожата, па оттука произлегува и важноста за соодветен препарат кој нема дополнително да ја исуши кожата. Препаратот за чистење треба да дава хидратација на кожата и после чистењето кожата да не биде сува и затегната.

  1. Употреба на крема со SPF

Познато ни е дека изложеноста на сончеви зраци го забрзува стареењето на кожата. Во периодот на менопауза влијанието на UVA I UVB зраците е уште поштетно за кожата бидејки кожата во овој период има намалена заштитна функција што се должи на истенченоста на површинскиот ( заштитниот) слој на кожата.

Автор на текстот Д-р.Горица Дачевска,

(специјалист , дерматовенеролог. ПЗУ –Др.Горица)