ИГРАТА ВО СЕНЗОМОТОРНИОТ ПЕРИОД (РИЗИЧНО РОДЕНИТЕ ДЕЦА)
По својата природа децата се активни, тие не сакаат да седат мирни. Активностите кои ги изведуваат ја вклучуваат моториката, нивото на знаење и разбирање и средината во која тие активности се одвиваат.
Централна активност во детската возраст е играта. Таа му причинува задоволство и без оглед на тоа дали е структурирана или е во вид на спонтана активност, доколку детето ужива во тоа што го прави, го нарекуваме ИГРА.
Играта е показател на нивото на детскиот развој, а истата може да има улога и на терапија .
За да можеме да ја примениме во тераписки цели, потребно е да знаеме како бебето игра во различни фази од неговиот развој.
Првите две години, или периодот на сензомоторен развој, е период на рапидно когнитивно созревање. Појдовна точка е екстремниот егоцентризам кај бебето, што значи дека бебето освен моменталното негово гледиште, нема сознание дека нешто друго надвор од тоа постои. На крајот на овој сензомоторен развој, тоа научува дека предметите околу него постојат и нештата се случуваат без оглед на неговата активност (формирање поими и постојаност на поимите).
Овој период од две години е поделен во 6 фази кои е потребно да ги знаеме како би можеле да им ја организираме играта на малечките, со цел да им обезбедиме услови за максимален развој на нивните потенцијали, а кај децата родени со ризик, каде тие потенцијали се на пониско ниво, да се обезбедат услови за стимулација и минимализација на развојниот дефицит.
Љубица Димовска, дипломиран дефектолог
1, Рефлексни движења – неволни движења како реакција на надворешни дразби ( пр. Трепка на јак звук, на допир на усни почнува да голта….)
2, Примарни циркуларни реакции (1-4 месец), тоа е свесни и насочени движења на делови од телото, кои на бебето му причинуваат задоволство и тоа постојано ги повторува (ги става прстињата во уста, намерно клоца со нозете и сл) Тие се првите сензомоторни шеми кои бебето ги научува. Со повторување на движењата бебето ја запознава околината и предметите во неа, ги вклучува видот, слухот, допирот и ги координира со моторните вештини кои ги увежбува (прво ги гледа предметите, слуша какви звуци испуштаат, ги задржува кога ке му ги ставиме во рака и почнува да ги тресе, да ја движи раката заедно со предметот а очите ја следат оваа активност.Во оваа фаза бебето е повеќе заинтересирано за движењата на сопственото тело, отколку за предметот кој го држи.
Предмети и активности кои се нудат во овој период се меки тропалки од различен материјал и текстура (колку порапави и со нерамни површини, толку е поизразен енграмот кои го оставаат). Боите се јаки, се комбинираат по контраст. Материјалните се безбедни за здравјето на бебето, слободно може да ги става во уста. Се започнува со воведување на предметите во визуелното поле на детето, се активира аудитивната перцепција (ги удираме да прават звук), му се ставаат на бебето во раше да ја осети текстурата и му се дозволува да го стави предметот во уста.
3, Секундарни циркуларни реакции (5 до 8 месеци), ова е фаза кога бебето покажува поголем интерес за надворешниот свет. Ги увежбува и применува веќе претходно усвоените шеми на однесување, но сеуште не знае однапред како да стигне до одредена цел. Кога случајно ќе ја оствари целта, тогаш може да го повтори движењето ( пример, скриен предмет под крпа, за него предметот не постои штом не му е во видно поле, но ако случајно ја помести крпата и го најде, тогаш и следниот пат пак ќе го бара таму предметот иако сте му го преместиле на друго место)
Предмети и активности кои се нудат во овој период покрај тропалките се и меки играчки со истите квалитативни карактеристики како и тропалките, кои ке се користат да го стимулираме бебето да посегне по нив, да ја промени положбата на телото, да ги префрла од една во друга рака и сето тоа да го следи со погледот. Играта е пожелно да биде организирана на под, на соодветна подлога.
4, Терциерни циркуларни реакции (8 до 12 месец), ова е период на однесување со намера. Бебето прво ја забележува целта што сака да ја оствари, па потоа смислува начини, односно ги комбинира познатите шеми на однесување за да ја оствари истата. Ова се првите облици на интелигентно однесување.
Предмети и активности кои се нудат во овој период топки кои детето ги тркала или ги пречекува кога му ги подавате, мали играчки кои може да ги подигне од под кога се наведнува од стоечка положба, сликовници со дебели корици и со едноставни слики, камиони или колички со врвка, како и разни предмети од домаќинството , како што се пластични кутии и чаши , дрвени лажици и сл. Играта се состои од испитување на предметите и играчките, откривање на нивната функција, разнесување на предметите , вклучување на возрасниот во играта, игри криенка или скриен предмет и слично.

5, Новини и истражување (12-18 месеци) Ова е период на активно истражување во кое се комбинираат различни шеми на однесување и се прават варијации на истите се со цел бебето да си ја оствари целта. Во овој период тоа учи по пат на обид и грешки, односно експериментира за свое задоволство.
Предмети и активности кои се нудат во овој период повеќето од децата во овој период ги прават првите чекори и проодуваат, следствено доминираат моторните игри и активности. Детето го освојува просторот и ги усовршува своите моторни вештини, како и координацијата помеѓу моториката и сензорниот систем. Се качува и симнува од кревет, сака да подига и пренесува предмети со поголем габарит (пример голем медо или лесна табуретка). За таа цел треба да му се направи безбедна околина, односно од просторијата да се отстранат сите предмети кои би можеле да бидат опасни по неговиот живот. Во поглед на социјалниот развој, ова е период на паралелна игра, што значи дека врсниците не се доживуваат како субјекти едни со други, туку како предмети или играчки со кои може ни и не мора да се игра. Најчест облик на интеракција е влечење и тепање за иста играчка.
6, Ментална претстава (18 до 24 месеци) Ова е периодот кога детето ги планира внатрешно активностите, има план и врз основа на тој план си ја остварува целта. Со ова завршува фазата на сензомоторен развој.
Предмети и активности кои се нудат во овој период со цел да се збогати фондот на зборови, на детето му се нудат сликовници кои не ги разгледува самостојно туку му се објаснува тоа што го гледа, се поставуваат прашања, се даваат одговори, се стимулира да покажува со прстето. Детето започнува да учи по пат на имитација, најчесто имитираат други деца, па затоа ова е идеален период да почне да се вклучува во мала социјална група врсници. Исто така, се развиваат и фините моторни вештини, па активностите од типот цртање и сликање со раце се корисни во овој период.
Кога станува збор за дете родено со фактор на ризик, кај него играта може да ја искористиме во тераписки цели. Пред да се пристапи кон избор на игра и активност за стимулација, потребно е да се направи проценка на функционалниот развоен капацитет од страна на психолог и дефектолог, како би се направил соодветен избор на истите. Ризично родените деца, посебно прематурните, во текот на првите години имаат физиолошки понизок функционален капацитет, што значи дека не треба да се споредуваат со врсниците кои се родени во термин. Тие треба да бидат под редовна контрола од страна на педијатар, психолог и дефектолог кои тимски го проценуваат развојот и за секое детенце се изработува посебна програма за стимулација, која се состои од вежби, игри и активности кои во дадениот момент одговараат на функционалниот капацитет на детето и имаат за цел да го оптимализираат или максмимално да го развијат истиот.
Автор на текст: Љубица Димовска, дипломиран дефектолог – ЈЗУ Здравствен дом Скопје



