Афазија (грч. Aphasia, од а-префикс + phasis – исказ), се дефинира како неможност да се зборува или да се разбере говорот при целосно зачувана свест и при неоштетен апарат за говор и слух. Во пошироко смисла терминот афазија се однесува на група клинички различни нарушувања кои се јавуваат како последица од оштетување на мозокот. Проучувањата на афазијата, довело до сознанието дека двете, во голема мера симетрични хемисфери, имаат сепак различни  генетски предетерминирани капацитети  за реализирање на виши ментални функции. Всушност, во однос на афазијата во која и да е од своите форми и левата мозочна хемисфера може да се каже постои речиси единствена поврзаност. Кај 99% од деснаците јазичните функции се латерализирани во левата хемисфера. Леваците и амбидекстрите манифестираат помал степен на латерализација, што значи дека кај некои левата, а кај други десната хемисфера е доминантна за јазичките функции, додека трети поседуваат обострана репрезентација на јазичките функции. Центар за моторен говор ( Broca )  е локализиран во фронтален оперкулум, додека центарот за разбирање на говорот во првата и втората темпорална вијуга. Афазичките симптоми се манифестираат со различни видови  на јазична активност вклучувајќи го усмениот говор, разбирање на соговорникот, пишување и читање.

Според најновата класификација, постојат седум типа на афазии:

  1. Моторна ( Broca ) – неможно вербално искажување, повторување, именување. Разбирањето на туѓиот говор и пишувањето е релативно добро.
  2. Сензорна ( Wernicke) –неможност за разбирање на туѓиот и сопствениот говор за повторување и именување ( жаргонски говор )
  3. Кондуктивна – течно говорно изразување , сочувано разбирање, изразито оштетен репетитивен говор.
  4. Глобална ( сензомоторна) – нарушено разбирање и неможно вербално искажување.
  5. Аномична (номинална, амнестичка) афазија
  6. Транскортикални афазии

*сензорна – неможно разбирање на изговорените и напишани зборови, говорот е течен

*моторна –неможно именување, говорот не е течен

*мешана- сочувана е само способноста за повторување

  1. Субкортикални афазии

*Стријатокапсуларни афазии- флуентен говор со отежнато сваќање на послоѓени граматички функции

*Таламична афазија – се карактеризира со потешкотии во наоѓање на зборови, оштетено разбирање

Етиологија на афазии

Невролошката основа на афазиите ја сочинуваат фокалното или дифузното оштетување на мозокот. Водечка причина претставуваат мозочните удари. Мозочниот удар претставува тешко оштетување на мозочната функција , настаната поради акутно растројство на мозочна циркулација. Мозочните удари патофизиолошки се делат на две големи групи

*Исхемичен – мозочен инфаркт е последица на тромбоза или емболија.

*Хеморагичен- ( Интрацерабрална, Субарахноидална хеморагија). Хеморагичниот мозочен удар е последица на излевање крв надвор од крвен сад. Друг значаен фактор се туморите на мозокот, бенигните и малигните кои се локализирани во говорната област на левата хемисфера на мозокот предизвикуваат постепен развој на афазички симптоми. Афазиите се составен дел од клиничката слика како на васкуларна така и на дегенеративна слика на деменција. Можна е појава на афазии кај бројни други невролошки заболувања (воспалителни, метаболни, токсични) кога јазичните симптоми се само дел од пошироката клиничка слика која опфаќа невролошки и бихејвиорални дисфункции. Лекувањето на афазиите опфаќа активности од мултидисциплинарен карактер. Успехот на третманот зависи од познавањето на клиничката слика, локализацијата на мозочното оштетување, етиологијата и преостанатите когнитивни и говорни способности. Податоците се собираат со невролошки, невропсихолошки и неврорадиолошки испитувања, после кои следува креирање и примена на соодветен тераписки програм.  Опоравувањето на афазиите од исхемична природа настапува порано, а најинтензивно е во текот на првите две недели. Афазиите од хеморагично потекло имаат поспора реституција со со кулминација во темпото на опоравување од четвртата до осмата недела после инсултот. Нивото на дефинитивно воспоставување на говорни функции е поголемо кај афазиите од исхемична етиологија. Многу од пациентите и сами се трудат да ги совладаат потешкотиите со својата околина такашто на тој начин вршат еден вид рехабилитација. Годините на старост имаа значајна улога колку пациентот е помлад , прогнозата е подобра. Исто така левичарите имаат подобра прогноза за разлика од десничарите, а зошто не е познато.

Автор: М-р   Ивана  Урдаревиќ  логопед, специјален едукатор и рехабилитатор