Денешната саботна дружба е резервирана за Димитар Димовски (сопственик на еден од најдобрите фризерски салони во Скопје). Диме или како што го викаат најблиските Мугил од Cut&Cut , одвои малку време за разговор. Во ова интервју зборуваме за негуваната жена, за тоа што е тренд кај нас, дали и како мажите се грижат за својот изглед и сл. 

Што според вас е негувана жена?

  • Првенствено негувана жена е онаа од која зрачи насмевка, позитивна енергија, онаа на која и светат очите, онаа која и покрај сите обврски ќе помисли на себе, на својот изглед,  на чиста коса, негувани нокти,  соодветна шминка со која само ќе ги потенцира убавите црти од лицето. Онаа која си има свој стил на облекување, однесување и автентичност во карактерот. Имам привилегија со многу вакви жени секојдневно да се дружам во моето студио Cut&Cut. Уживам во друштвото на ваквите жени.

Дали и вие сте од оние кои веруваат дека негата кај жената ќе се примети по коста и по ноктите на рацете?

  • Не јас сум од оние,  кои прво не ја приметуваат  косата или ноктите (иако сум фризер)  првото нешто што  ми паѓа во око е насмевката на една жена и енергијата која ја носи во себе – со тоа ми остава впечаток дека таа е негувана, чувана и задоволна од животот, па потоа  следува погледот кон косата , ноктите, шминката, чевлите и тн. Кога станува збор за косата секоја жена па и маж треба да внимаваат на квалитетот на влакното. Здравата и негувана коса влева поголема самодоверба кај луѓето.

Во вашето фризерско студио Cut and Cut, постојано сте во контакт со дамите, би сакале да ни кажете кои се желбите на македонските жени , колку го следат трендот, колку сакаат да менуваат и да експериментираат во стилот?

  • Последниве години многу повеќе се грижат за косата и во смисла на секојдневна нега и во смисла на следење на трендовите. Забележливо е дека ги ценат и применуваат нашите совети, посебно клиентите кои редовно доаѓаат. Трендот се следи колку што може и ние како професионалци се трудиме да им пренесеме што е ново и актуелно а изборот секако паѓа кај клиентот. Постојано следиме  обуки низ Европа таму најмногу се става акцент на начинот на шишање, обликот на косата, комбинацијата на бои како и користењето на професионалната козметика, а конкретно во нашиот салон се вложува многу во овој дел. Секако, резултатите од тоа се видливи бидејќи нудиме квалитет на многу техники на бојадисување и третмани за кератинска обнова на косата кои се рамо до рамо со европските, а би рекол и светските трендови. Со ваквата услуга придонесуваме да се подигне квалитетот кој го нудиме и да ги навикнеме клиентите на убавина која е константна. Тоа значи фризура без краткотрајни ефекти од одредени бои и козметики кои во суштина не нудат квалитет или од ефекти кои ги снемува по миењета на фенирана коса.

Какви фризури се модерни сега? Кои бои? Кои облици на коса? Долга или куса ?Светло или темно?

  • Во моментов актуелни се техниките на боење кои доминираат последниве неколку години и се менуваат минимално само во начинот на нијансирање – омбре, балајаж, фламбојаж… Остануваат во мода крупните кадрици и најчестите боб фризури со варијации во зависност од должината… И секако, најдобриот совет: Убавата коса значи негувана коса.

 

Каква е ситуацијата и со мажите, колку тие водат грижа за себе, за својата фризура? Следат ли нашите мажи што е тренд? Ја негуваат ли сопствената коса?

  • Морам да истакнам дека мажите почесто ја кратат косата што е и природно, па имаме прилика почесто да се гледаме со нив и да следиме каков е трендот на користење на препарати за нега и обликување. Морам да истакнам дека многу ја збогативме нашата палета со производи наменети за мажи токму од причина што имавме побарување. Можеби за некого ќе биде зачудувачки што мажите појавуваат ваков интерес, но последниве години мажите станаа консументи на поширока палета производи, а морам да кажам дека и квалитетот значајно е подобрен од тоа што некогаш беше стандарден производ за еден маж. Еве на пример, ние како фризерски салон имаме професионални козметики со различни производи: восоци, гелови, масла, шампони, креми за коса но и производи за бради што е хит последниве години.

Да се задржиме уште малку на тема нега на коса кај мажи , што е актуелно?  Постои ли некој актуелен стил?

  • Мажите повеќе следат сопствен стил отколку некаков тренд. Сепак, може да кажам дека се наклонети кон фризури кои ги сакаат жените а пак жените најдобро знаат што е модерно J Си ги слушаат советите на своите жени или сопруги (секако дека ним им веруваат) , но повторно ќе кажам, сето тоа вклопено во сопствениот стил.

Во вашиот салон соработувате со многу познати имиња колку тие сакаат промени, ги слушаат ли вашите совети и идеи?

  • Во зависност од професијата која ја работат се трудиме да дадеме совети кои ќе допринесат да се претстават во најдобро светло. Сосема е поинаков пристапот ако имаме позната спикерка, водителка или глумица, спортист или дипломат… И за познатите имиња кои ги гледаме на тв важи тоа дека сегашното време им налага да го менуваат својот изглед за да бидат интересни, впечатливи, да бидат освежување за гледачите па така и фризурата треба да е во склад со промените. Искрен да бидам, жените тешко се одлучуваат за драстични промени, но менувањето на бои и нијансирањето полесно се прифаќа во вакви ситуации. Во секој случај, целиот персонал се залага за промена која ќе одговара на личноста, нејзиниот сензибилитет и ќе може да ја претставува во секоја пригода.