Развој на помнење кај малите деца
Нашите први сеќавања остануваат забележани без наша волја. Обично се работи или за многу фрустрирачки или за особено убави искуства. Покасно, со текот на времето, ние ја вклучуваме нашата меморија и со помош на неа ги складираме или ги отфрламе информациите зависно од нашата волја.
Во првите месеци детето памти живи нешта, пред се тоа се лицата на личностите кои ги гледа пред себе секој ден, како што се мама и тато. Потоа, некаде околу седмиот,осмиот месец детето го покажува еден од првите знаци на помнењето: го бара сокриениот предмет. Се сеќава дека со нешто си играл, не го наоѓа, па го бара за да продолжи да си игра со него. Ова барање покажува веќе формирани рани претстави. Детето сега е во можност да го пронајде она што го перцепира со слух и вид. Неговата конкретна активност е резултат на детското помнење. Покасно, во другите шест месеци од животот, детето превзема иницијатива и не се ограничува веќе на реагирање на дразбите, а тоа покажува како се развива неговото помнење со голема брзина. Ако му се допаѓа играта: криенка со тато, ќе сака да ја повтори. Се однесува на себеси својствен начин или имитира некоја друга личност.
Помнењето секојдневно управува со детското однесување кое е резултат на она што го научило од возрасниот, кој е главен организатор на неговиот секојдневен живот.
Помнењето на детето до година дена старост се сведува на помнење на дејства и факти, покасно на звуци и имиња на работи, што значи дека детето ги усвојува термините на јазикот, односно го учи јазикот, за да реализира комуникација. Доволен е еден назив, име, за да во детето се разбуди асоцијација на нешто што веќе го видело и тоа почнува да го повторува. Со усвојување на јазикот се почнува во текот на втората година и истовремено се развива и помнење на настани што вклучува не само работи и факти, туку и личностите и нивниот меѓусебен однос. Очигледно е дека обемот на помнењето значително се проширува. На пример, на еден цртеж детето се сеќава не само на неговата целина, туку веќе помни и негови поединости, секој нареден пат се попрецизно.

После првата година од животот, детето почнува да запознава некои нови места како што е градинка. Почнува да ги разликува деновите кога оди во градинка и оние кога не оди, кои се совпаѓаат со оние кога не работат мама и тато. Распоредувањето на сеќавањата е се попрецизно и подетално. Изворите на сеќавање се различни. Најживи сеќавања кај детето се оние кои се врзани за директни искуства, дејства на кои детето е автор, било да се позитивни или негативни. Меѓутоа, оние кои доаѓаат како последица на информациите од страна, некоја книга, слика или разговор, зависат од мотивацијата. Ако неговиот соговорник успее да го импресионира, подобро ке се сеќава на она што му го рекол. Значи, за да детето запамти нешто, потребно е да се мотивира. Ќе биде многу тешко да се научи на некоја песничка која во него не буди никакви емоции, за разлика од онаа која посебно му се допаѓа. Конечно, можеме да заклучиме дека семејството и градинката можат многу да му помогнат на детето што подобро да го развие своето помнење.
Во мојата пракса, честопати ме прашуваат родителите, особено на бебињата и малите деца: нели е мало за да учи нешто? или самите констатираат дека го учеле на работи кои се премногу сложени за детето. Спонтаните начини на учење во секојдневните ситуации од страна на родителите, можат многу да го помогнат развојот на децата.
Она што е важно е дека секоја возраст, односно секој развоен стадиум има свои можности за учење.
Затоа родители, ако не сте сигурни што треба или дали треба нешто да го учите своето дете, најлесно е да побарате ,,помош од стручно лице,, Само така може најпрецизно да знаете и да бидете сигурни дека на детето му е понудено токму она што му треба, односно она за што е подготвено и зрело да го учи согласно своите потенцијали.
Автор на текстот: Ана Дончевска-Пенчев
Магистер за специјална едукација и рехабилитација
ЈЗУ Здравствен Дом-Скопје
Поликлиника Бит Пазар



