Што претставува Штитната жлезда или тироидеа ?

Тироидната или штитна жлезда е орган сместен во долната половина на вратот, веднаш под Адамовото јаболко. Го добила своето име по формата на штитовите кои се користеле во борба во античка Грција.

Таа е една од првите ендокринолошки жлезди што се развиваат, поточно околу 24-от ден од зачнувањето. Тежи околу 25г, што ја прави  една од поголемите ендокрини жлезди.

 

Физиологија на Штитната жлезда

Жлездата се состои од два лобуса како крила од пеперутка, споени со еден среден дел наречен истмус. Функцијата на тироидната жлезда е да го регулира метаболизмот во телото, да влијае на растот и други важни функции во организмот како:

  • Дишење
  • Срцева работа
  • Централен и периферен нервен систем
  • Дигестивен систем
  • Телесна тежина
  • Мускулна сила
  • Менструален циклус
  • Телесна температура
  • Ниво на масти

 

Хормони од штитната жлезда

Тироидната жлезда го користи јодот (од готварската сол) за да ги синтетизира двата најважни хормони:  тироксин (Т4) и тријодтиронин (Т3). Тие претставуваат 99,9% и 0,1% од тироидните хормони. Биолошки појак е Т3, (4пати повеќе) кој по конверзијата од Т4, влијае на клетките во целиот организам.

Двата хормона се силно липофилни и се врзуваат за протеините во крвта, најмногу за тироксин врзувачки глобулин (70-80%), така да оној неврзан дел од нив е всушност активниот дел. Затоа се мери нивото на freeT4 и freeT3 при анализите за функцијата на тироидејата.

Третиот хормон е калцитонин, кој се лачи од Ц клетките на тироидната жлезда, но тој влијае на нивото на калциум, а нема метаболно значење како fТ4 и fТ3.

 

Регулација на функцијата на штитната жлезда

Тироидната жлезда е регулирана по пат на повратна спрега од две други жлезди кои се наоѓаат во мозокот. На највисоко ниво е хипоталамус кој лачи TRH-thyroid stimulating hormone. Овој хормон и дава сигнал на хипофизата да лачи TSH – thyroid stimulating hormone.Тој пак хормон и дава сигнал на тироидната жлезда да лачи тироидни хормони. Доколку се зголеми сигналот што го даваат хипоталамусот или хипофизата, ќе се зголеми и лачењето на тироидни хормони – хипертироидизам. Обратно, ако се намали сигналот, ќе се намали и лачењето на тироидни хормони – хипотироидизам.

Механизмот на негативна спрега значи дека доколку тироидната жлезда лачи помалку тироидни хормони, се праќа сигнал до хипофизата. Таа од своја страна го зголемува лачењето на TSH како наредба до тироидната жлезда да лачи повеќе тироидни хормони. Затоа кај хипотиреоза нивото на TSH e покачен,а нивото на тироидни хормони е намалено.

Во обратна состојба, кога тироидната жлезда лачи повеќе тироидни хормони, таа праќа сигнал до хипофизата. Таа пак во тој случај го намалува TSH, за да се намали наредбата до тироидната жлезда  за лачење на тироидни хормони. Затоа кај хипертиреоза нивото на TSH е намалено, а нивото на тироидните хормони е зголемено.

 

Какви типови на заболувања би можеле да се јават при промена на функција кај тироидната  жлезда?

Доколку се работи за хипотиреоза, односно намалена тироидна функција, тоа може да се манифестира како :

  • Тироидитис Хашимото (автоимун хроничен тироидитис)
  • Постпартален тироидитис (тироидитис после породување)
  • Акутен тироидитис
  • Реакција на терапија со амиодароне
  • Резистенција на тироидни хормони

Во случај на хипертиреоза, таа се манифестира во неколку форми:

  • Graves Basedow болест
  • Токсична мултинодуларна струма
  • Токсилен нодус
  • Преголем внес на суплементи кои содржат јод
  • Лекови

Какви типови на заболувања би можеле да се јават при промена на структурата кај тироидната  жлезда?

Промените во структурата на тироидната жлезда се многу чести. Жлездата може да биде зголемена дифузно, целосно и тоа се нарекува струма или гушавост. Големината на струмата може да биде од лесен степен,па до силно зголемена тироидна жлезда која предизвикува гушење и бара оперативно намалување или отстранување.

Промените се јавуваат и во форма на цисти кои може но и не мора да бидат исполнети со течност, како и во форма на нодуси. И едните и другите може да бидат солитарни или мултипни, односно повеќе на број. Најчесто се бенигни, но може да бидат и малигни (папиларен, фоликуларен, медуларен и анапластичен карцином)

Во однос на функцијата, структурните промени т.е нодусите може да бидат причина за хипертиреоза – токсична мултинодозна струма и токсични јазли (аденоми)

 

Како и зошто настанува нарушување на функција на тироидната жлезда

Причината за нарушување на структурата на тироидната жлезда (нодуси) е непозната. Но причината за нарушување на функцијата на жлездата може да биде изложување на радиоактивност. Пример претставува нуклеарната катастрофа во Украина, Чернобил после која стапката на тироидни карциноми драстично се покачи. Друга причина е недостигот на јод кој е неопходен за нормална синтеза на тироидни хормони.

 

Знаци/симптоми кои укажуваат на одредени промени

Доколку се работи за струма, таа со својот раст може да доведе до компресија на душникот или хранопроводот со потешкотии при дишење и голтање.

Покрај функционалноста, може да претставува и козметички проблем кај пациентот.

Доколку се работи за крварење во циста, ќе се јави локално болка

Доколку се работи за акутно воспаление на тироидната жлезда, може исто така да се јави локално оток и болка

 

Знаци/симптоми кои укажуваат на нарушена функција

Во случај на хипотиреоза се јавуваат следните симптоми:

  • Замор при мирување
  • Замор при движење
  • Проблеми со концентрација
  • Брадикардија (забавена работа на срце)
  • Сува кожа и коса
  • Кршливи нокти
  • Чуство на константен студ
  • Депресија
  • Запек
  • Чести и обилни менструации
  • Болки во зглобови и мускули
  • Проблеми со забременување

 

 

Во случај на хипертиреоза се јавуваат следните симптоми:

  • Тахикардија (забрзана срцева работа)
  • Дијареа
  • Нервоза и анксиозност
  • Зголемено потење
  • Тресење
  • Опаѓање на коса
  • Влажна кожа
  • Нетолеранција на топлина
  • Проблеми со менструален циклус
  • Проблеми со забременување

Како се дијагностицира? Дијагностички постапки?

Дијагноза на тироидно заболување се постигнува со проверка на серумските TSH и fT4, fT3. Доколку има промени во нивоата на овие хормони, понатаму се проверува нивото на специфични антитела:

  • Антитиреоглобулин антитела (Anti-Tg)
  • Anti TPO (антитела кон тироидната пероксидаза)
  • TSH рецептор стимулирачки антитела
  • Во случај на сомневање за карцином се одредува и калцитонин

Основна дијагностичка постапка за прегледување на тироидна жлезда е ултразвучниот преглед. Тој служи за одредување на структурата и големината на жлездата. Потврдува присуство на цисти, нодуси или калцификати, но не може со сигурност да диференцира бенигна од малигна промена.

Друга дијагностичка постапка е скен со радиоактивен јод. Тироидната жлезда е единствен орган кој го превзема јодот и токму тој факт се користи при ова иследување. Таму  каде што јодот не е превземен од жлездата, се појавуваат т.н  ‘‘студени дамки’’, кои укажуваат на нефункционален нодус или пак на малигнитет. Доколку има преголемо фискирање на јодот, тие дамки се ‘’врели’’ што укажува на зголемена активност, најчесто се работи за токсичен аденом.

Кога е потребна биопсија и како се изведува?

Доколку при ултразвучен преглед се открие нодус поголем од 1цм или има изглед сомнителен за малигна промена со калцификат, потребно е да се изведе биопсија. Тоа значи со игла да се земе дел од промената ( аспирациона биопсија) или FNAB fine needle aspiration biopsy. Се праќа за патохистолошко испитување кое дефинитивно ќе потврди за каква промена се работи.

Третман

Медикаментозен

Кај пациентите со хипертиреоза, се даваат медикаменти да се намали продукцијата и ослободувањето на тироидните хормони, како терапија за намалување на симпотимте што ги предизвикуваат истите (тахикардија)

Кај пациентите со хипотиреоза се дава супституција со тироидни хормони, доживотно со совет за редовно земање наутро на гладно.

Доколку се работи за воспаление на тироидната жлезда, се даваат нестероидни антивоспалителни лекови и стероиди кај посилно изразени тегоби.

Аблација

Во случај на тешко регулирачка хипертиреоза се пристапува со радиоактивна аблација на жлездата, до комплетно уништување, со последователна супституција на тироидни хормони покасно. Аблацијата исто така се користи и кај карцином на тироидната жлезда.

Оперативен третман

Овој начин се користи доколку се работи за струма која врши компресија на дишни патишта, доколку се работи за хипертиреоза со силно зголемена жлезда или доколку се работи за карцином. Доколку се отстрани целата жлезда –тиреидектомија, се врши пак супституција со тироидни хормони.

Каков квалитет на живот може да имаат луѓето кои примаат терапија или имаат извршено операција?

Пациентите кои редовно ја земаат терапијата, без разлика дали се работи за хипертиреоза или хипотиреоза може да имаат одличен квалитет на живот. Можат да се занимаваат со сите активности, согласно нивните години и коморбидитети.

Како промените со тироидеата влијаат кај жените во  репродуктивниот  период?

Тироидната дисфункција е најчеста причина за потешкотија со забременување. Почесто се работи за хипотироидизам, каде е потребна соодветна супституција со тироидни хормони. Потребно е следење на TSH еднаш месечно.

Нормални вредности на TSH во бременост:

TSH (mIU/L)                                             од                        до

Прв триместар                                       0,1                       2,5

Втор триместар                                      0,2                       3,0

Трет сместар                                          0,3                       3,0

 

Доколку се работи за хипертиреоза, потребна е терапија со Propilthiouracil првиот триместар, како најмалку тератоген, а потоа може да се продолжи со Thiamazol

 

Ако сме поднебје во кое јодот ни недостасува каква препорака за превенција ќе ни дадете на сите!

Македонија спага во ендемски подрачја со недостиг на јод, со последователни струми, но со воведувањето на задолжително јодирање на солта, тоа е минато. Доволно е да се консумира готварска сол која е јодирана и проверена преку нашите здравствени установи.

 

 Автор:Катерина Адамова (специјалист по ендикринологија)