Првата сезона на емисијата Визита започна  во јуни 2013 година на програмата на Канал 5 телевизија, со тоа што во тој летен период некако пробно секако и успешно проектот  траеше еден месец  (бидејќи беше и сезона на летни одмори).   Од септември истата година  емисијата Визита секојдневно во живо е присутна преку малите екрани во секој дом, придонесувајќи на тој начин за подигнување на свеста и здравствената култура кај нашите граѓани. Оваа емисија за здравство четири ипол години тера успешна приказна. Екипата на метаболизам.мк поразговара со Билјана Дебарлиева заштитното лице на оваа емисија, дамата која  ја пренесува топлината која ја поседува преку екраните, секогаш смирена и сталожена со одличен концепт на прашања до докторите. Нашето дружење го започнавме на тема: Предизвик, предизвик во работата? Особено во проектот за здравство?

 

  • Предизвик како и за секоја друга емисија или телевизски проект кој обработува каква било тематика или сфера од секојдневието. Досега сум водела емисии од најразлични области, но во последниве 4,5 години, исклучиво сум насочена кон третирање теми од областа на здравството и не знам како и од каде, ама некако најмногу си се пронајдов себеси во оваа област. Ја сакам емисијата, горда сум на неа и мислам дека веќе е препиознатлив бренд во македонскиот етер кога станува збор за теми од здравството, но и препознатлива емисија меѓу докторската фела.

 

Визита е емисија која секојдневно ја гледаме, темите се различни, треба секојдневно да се обезбедат  доктори од различни фели. Навидум лесен проект но кога ќе започнат подготовките неговата тежина излегува на површина. Продолживме да зборуваме и за одговорноста која ја има кон емисијата.

 

  • Одговорноста е огромна и мора да биде така, за еден проект да биде успешен и да опстојува долго. Велам, одговорност, не само за себе, туку и за секого што се занимава со оваа професија. Гледачите знаат да бидат многу критични, ти го мерат секој збор, секое движење, како изгледаш, како си облечена, како зборуваш, како се изразуваш, умееш ли да го извлечеш од гостинот најдоброто  за да биде гледливо и интересно, да не си ниту премногу нападен, ниту досаден, едноставно да умееш да ја најдеш средината. Сите овие работи се дел од една темелна подготовка која ти дава поголема сигурност, но и предизвик да го дадеш најдоброто од себе во тие 60-тина минути. Што се однесува за самата подготовка за емисијата, бидејќи е секојдневна и во живо, нема простор за импровизирање. Се мора навреме да биде договорено, една недела претходно, за да бидам и јас мирна дека сум обезбедила гости, а и докторите да можат да ги усогласат своите работни обврски. Читам, се информирам за конкретното заболување, ама многу нови информации дознавам и од самите доктори, со кои половина час пред почетокот на емисијата разговараме, го прецизираме концептот и прашањата, па оттаму добивам и дополнителни идеи за разговорот, кои секако не отстапуваат од она што претходно сме го договориле.

 

Преку емисијата Визита, Билјана остварила многу соработки со докторите, со воодушевување зборува за нивната најблагородна професија, за одговоноста од обете страни, за тремата и секако за задоволството по секоја успешно реализирана емисија.

 

  • Барем досега, во овие 5 сезони на Визита можам да зборувам само за одлична соработка со секој доктор. Преку Визита стекнав многу нови пријателства и само можам да кажам дека се прекрасни луѓе на кои навистина им се воодушевувам со колкава љубов и посветеност ја работат најблагородната професија. Што се однесува до тремата, да, кај некого е присутна, што донекаде е и оправдано, зашто тоа не нивна природна средина, а и секој од нив е различен говорник. Ама затоа сум јас тука, низ пријатен разговор претходно да им помогнам да ја совладаат тремата и да заборават дека во тој момент се во живо пред огромен број гледачи. И навистина,  повеќето од нив имаат такво чувство и впечатокт кога ќе заврши емисијата. Нивната насмевка и задоволство од добро реализираната Визита, покрај советите сто сме ги упатиле до гледачите, и за мене и за нив, значи комплетен успех.

 

Биле смета дека емисиите за здравство, како и веб страниците за здравство се корисни за сите луѓе. Не треба да постои некое конкретно заболување за да добиете насока како да се лекувате туку едноставно превентивно да бидете информирани за не дај боже. Кога станува збор пак за актуелноста на темите, вели:

 

  • Интерес има речиси за сите болести, па дури и за оние ретките, зашто секој од нас има различен здравствен проблем, било да е личен или на некој лен од семејството. Но, сепак, мислам дека сите нас најмногу не засега високиот крвен притисок, покачените маснотии, дијабетот, кардиоваскуларните заболувања. На крајот на краиштата, и да нема човек некој проблем со здравјето, добро е да слушне за причините и ризик факторите, зашто многу болести се подмолни, па ако сте добро информирани, навреме ќе можете да преземете нешто, за заболувањето да биде откриено во раната фаза, посебно кога станува збор за малигните заболувања.

 

И за крај препорака:

  • Здравјето нема цена, а животот не секогаш дава втора шанса. Затоа, мислете на своето здравје, грижете се за себе и за своите најблиски, правете превентивни прегледи, хранете се здраво, бидете физички активни, лошите заменете и со добри животни навики! Само така ќе бидете сигурни дека правите нешто добро за себе и за своето здравје!