Прочитајте ги четирите важни препораки на Д-р.Маја Милованчева Поповска за зачувување на машкото здравје. Месец Ноември е месец во кој ќе ве потсетиме да направите превентивна консултација со вашиот доктор.

 

Што е простата? Каде е сместена?  Како е градена?

 Простата имаат само мажите. Тоа е машка полова жлезда со облик и големина на костен. Тешка е околу 20-25 гр. Сместена е под мочниот меур. Произведува семена течност која ја чува и транспортира во спермата. Таа течност е за заштита на сперматозоидите.

 

Што е тоа ХИПЕРПЛАЗИЈА на простата?

Тоа е посебен облик на нејзино зголемување. При раѓање простатата е колку зрно грав, потоа до пубертетот полека расте. Во пубертет и до 20-25 година расте брзо. Потоа толкава остамува до некаде 40-тата година од животот. Зголемена простата најчесто е кај постарите особи. Во текот на животот се менува нивото на машки хормони и доаѓа до зголемен раст на жлездите сместени околу делот на мочниот канал, уретрата, кој минува низ простата па се нарекува и АДЕНОМ.  Овој природен раст се нарекува Бенигна простатична хиперплазија (БПХ) и е најчеста причина за зголемување на простатата. БПХ е бенигна состојба која не води до канцер, но двата проблема може да коегзистираат. Една простата може да е бенигно зголемена но може во исто време да има и канцер.

Кои се симптомите на зголемена простата? Дали сите мажи имаат симптоми?

Процесот почнува околу 40-та година, но се манифестира подоцна. Во 6 и 7 деценија кај ¾ мажи почнуваат да се јавуваат тегобите. Иако 50-60% од мажите со БПХ може никогаш да немаат симптоми кај други тие проблеми се силно изразени. Потоа може да се јават симптоми, а потоа особата повторно да нема тегоби.  Многу луѓе умираат со зголемена простата, а да немале некои поголеми тегоби. Други имаат отежнато мокрење и така останува до крајот на животот. Тегобите не се исклучиво врзани за големината на простатата. Има и помали простати кои може да дадат големи тегоби поради стеноза на каналот, уретрата. Основни симптоми се често и отежнато мокрење. Лицето постепено сѐ потешко мокри, одложен е почетокот на мокрењето, млазот е послаб и испрекинат. Се јавува и ноќно мокрење, никтурија. Може да се јави и воспаление на самата простата и мочните канали.  Заостанува урина во бешиката (ретенција) и болниот има чувство на недоизмокреност. Количината на урина која заостанува може да е и 2 литри. Ако потполно се запуши каналот – урината се враќа во бубрезите и ги оштетува. Ако се занемари  се јавува Опструктивна нефропатија/компликација која ако трае подолго време води до буб. слабост и дијализа.

Дали може да се јават компликации? Кои се компликациите?

 Компликациите може да се јават поединечно или комбинирано. Инфекција може да се јави спонтано или по катетеризација или цистоскопија, се јавува печење при мокрењето. Најсериозна компликација-Уросепса. Се манифестира со висока температура, треска, малаксаност, промени во крвните анализи. Орхиепидидимит најчесто се јавува по поставување на катетер или кај болни кои носат стален катетер. Се јавува нагло, со оток на тестисите, болка, покачена температура. Се лекува со антибиотици. Ако задршката на урина трае подолг период може да се створи камен во мочното кесе. Урината може да биде и крвава (хематурија).

 

Каква е поврзаноста со ракот на простатата, дали има врска, дали имаат исти или различни симптоми?

 Промена и развој на аденомот во рак е ретка, ракот најчесто се јавува независно од аденомот. Промените при мокрењето не се знак за постоење на рак на простата. Опасно е всушност тоа што не се појавуваат симптоми кои го најавуваат ракот. Ракот ако се открие на време постои голема можност за лекување. Но ако не се открие на време, брзо се шири и е многу агресивен

 

Како се лекува?

Третманите постојано се подобруваат. И лековите и хируршките процедури се сѐ поефикасни и со помалку несакани дејства. Ако има воспаление на мочните патишта се лекува со антибиотици.  Може да се применат лекарства кои го намалуваат грчот на мускулите на бешиката и мочниот канал и така го олеснуваат мокрењето. Постојат  лекарства кои по хормонален пат ја намалуваат големината на простатата. (Аводарт)

 

Совет  за мажите!  Има ли некои работи кои мажите со БПХ може да ги направат за себе за да си помогнат?

Секој маж над 45 г. возраст треба еднаш годишно  да ја прегледа простатата. Ова особено важи ако веќе во фамилијата имал рак на простата. При прегледот да се испита и ПСА во крвта. И да е зголемен ПСА не  мора тоа да значи дека станува збор за рак. Причина за зголемување може да биде и воспаление или бенигно зголемување на жлездата. Важна е правилната исхрана. Треба да се исклучи внесувањето на црвено месо и мрсни јадења. Луѓето кои јадат доста риба, свежо овошје и зарзават, маслиново масло се смета дека поретко заболуваат од рак на простатата. Се смета дека витаминот Е и селенот спречуваат појава на рак.  Покрај лекарската терапија се препорачуваат и билни препарати (врболика, коприва, златница, јагла). Се препорачува секојдневна визичка активност. Кога симптомите не се толку изразени за почеток се препорачуваат промени во животните навики. Мажите кои се понервозни имаат тенденција почесто да мократ, затоа е потребно намалување на стресот со редовна физичка активност и други облици на релаксација.

Кога одите во тоалет дадете си време да ја испразните бешиката комплетно. Седнете, клекнете, ако треба. Ова ќе го намали бројот на последователни одења во тоалет.  Избегнувајте да пиете течности навечер, пред легнување, особено алкохол и кофеински пијалоци. Тие влијаат на мускулниот тонус на бешиката, да ја иритираат слузокожата и ги стимулираат бубрезите да создаваат повеќе урина, водејќи до ноќно мокрење.

 

Подготви:

Д-р.Маја Милованчева Поповска (Доктор  на медицински науки-Промедика Скопје)