АНЕМИЈА НА ДЕТСКА ВОЗРАСТ
Анемијатa е релативно честа во детската возраст
Една од функциите на крвта е да донесе кислород до секоја клетка. Еритроцитот( односно
хемоглобинот во него) е тој што ја врши оваа важна функција. Создавањето на еритроцитот се
одвива во коскената срцевина и тој живее 120 дена. Дневно се обнувува 1% од вкупните
еритроцити. Анемија ќе настане кога ќе се намали способноста на крвта да пренесе кислород
заради намален број еритроцити и (или) хемоглобин под дадени вредности нормални за
возраста. Тогаш настанува страдање на ткивата, кое при долготрајни и потешки анемии ќе
доведе и до ткивно оштетување. Секое нарушување на рамнотежата: -Намалено
производство; -Зголема разградба на еритроцити; -Крварење ќе доведе до анемија.
За оценување на анемијата ни помага крвната слика, која има различни вредности за различна
возраст. Основни крвни параметри се: Hb – хемоглобин, Er – еритроцити, Htc- хематокрит
( % на еритроцити во крвта), MCV – просечен клеточен волумен, MCH – просечна
концентрација на хемоглобин, MCHC – просечна клеточна концентрација на хемоглобин,
како и серумското железо.
Поделбата на анемиите е многу голема и комплексна.
Најчеста анемија во детската возраст е анемијата заради недостиг на железо, воглавно заради
дефицит во исхраната. Се јавува кај постари доенчиња над 6 месеци, деца на 2-3 години, како
и кај млади адолесценти. Често зависи од социо-економскиот статус на детето. Дневно му е
потребно на организмот 1 mg. железо, но бидејќи се ресорбира само 10% од железото
потребно е да се внесат 10 mg. железо. Железото од животинско потекло подобро се
ресорбира од железото од растително потекло. Исто така и млекото ја намалува ресорбцијата
на железото. Осетлив индикатор на снабденоста на организмот со железо е серумското
железо.

Причини за железо-дефицитна анемија се:
1. Слаб внес ( претежно млечна и брашнеста храна без месо)
2. Слаба апсорбција ( при малапсорптивни заболувања, целијакија)
3. Губиток на железо заради крварење ( менструално, алергија на протеини на кравјо
млеко- која прави микрокрварења, црeвни паразити)
4. Зголемени потреби ( при брз раст, хронични болести)
5. Инфекции ( железото ,,бега”, се фиксира во клетките на ретикулоендотелот, место да
оди во хемоглобинот, а има и послаба ресорпција).
Симптомите се неспецифични и дискретни: бледило, срцебиење, забрзано дишење,
вртоглавица, лесно заморување, слаб апетит, раздразливост, т.н. пика ( изменет вкус за храна,
детето јаде земја, боја и сл.). При анализа на крвната слика ќе се најдат ↓Hb
↓Htc↓Er↓MCV↓MCHC и ниско серумско железо.
Во лекувањето се даваат:
1. Препарати на железо преку уста 4-6 mg/kg. Целта е да се нормализира не само крвната
слика, туку и серумското железо, значи лекувањето треба да биде доволно долго.
2. Витамин С се дава бидејќи ја потпомага ресорпцијата на железо.
3. Најважно е да се смени исхраната и таа да биде богата со железо: животински
продукти, зеленчук и со железо збогатени цералии.
Ако детето пие многу млеко треба да се намали внесот.
Во тек на акутна инфекција не се дава железо, бидеќи слабо се искористува.
Важно е да се спомене дека здраво доенче во првите 3-4 месеци може да има пониски
вредности на крвните елементи, а нормално серумско железо. Тоа е т.н. физиолошка –
трименонска анемија и не бара лекување. Потребите за железо се јавуваат откако ќе се
исцрпат резервите, а тоа се јавува околу 6-от месец.
Недоволен внес на витамин В12 и фолна киселина ќе доведе до друг тип на анемија т.н.
мегалобластна анемија, која се карактеризира со големи и незрели еритроцити. Недостатокот
посебно го погодува нервното ткиво. Витамин В12 го има исклучиво во храната од животинско
потекло ( затоа веганите мораат да го земаат секојдневно како суплемент). Фолната киселина
ја има исто во храната од животинско потекло, но и во некои растителни намирници: леќа,
спанаќ, црвен грав, доматен сос.
Оваа анемија се јавува во склоп на малапорптивни синдроми , поретко заради неадекватната
исхрана и лекување со некои лекови. Симптомите се неспецифични, како и кај
феродефицитната анемија. Дијагнозата се поставува со анализа на крвната слика, каде ќе има:
↓Hb ↓Er ↑MCV↑MCHC . Има и намалени леукоцити и тромбоцити, а нормално серумско
железо.
Потребни се и други испитувања како: пункција на коскената срцевина и одредување на
концентрација на фолна киселина и В12 во крвта. Во терапијата се даваат препарати на фолна
киселина и В12 и се советува подобрување на исхраната.
Во големата група на анемии се среќавааат и некои наследни анемии. Во нашата популација
застапена е таласемијата. Се работи за наследна, тешка хемолитична анемија, која бара чести
трансфузии и дава ограничување на животниот век на пациентот. Болеста се наследува од
двата родители, кои се носители на генот, а се клинички здрави. Кај ваквите носители на генот
за таласемија потребно е генетско советување.
На крајот ќе дадеме општа препорака: Децата треба да се хранат правилно и здраво, со
адекватна застапеност на сите хранителни продукти.
Автор на текстот: Др Весна Ѓорѓеска -специјалист педијатар во Промедика Медикал Центар.


