Зуење во уши
Многу често се случува да се појави некаков непријатен звук, шум во ушите кој пациентот го опишува како бучење, пиштење, пулсирање, шуштење, крцкање, зуење во уши.
Зуењето во уши или медицински кажано tinitus e симптом, а не болест. Овој непријатен симптом е доста чест, го има речиси секој петти човек.
ПРИЧИНИ ЗА ЗУЕЊЕ ВО УШИ
Зуењето во ушиможе да e предизвикано од голем број различни причини кои или се примарно лоцирани во самото уво или најчесто, секундарно го афектираат увото.
Тука спаѓаат:
- намален слух
- отосклероза
- Menier-ова болест
- секрет во уво
- повреда на уво
- церуминозен чеп
- тумор на acusticus
- glomus тумор (васкуларнитумори на глава и врат)
- тумори на мозок со компресија на слушен нерв
- заболувања на виличниот зглоб
- проблеми со вратна кичма (спондилоза, дископатии и сл.)
- циркулаторни проблеми (варијации во крвен притисок, атероскреротични промени на крвни садови на глава и врат, малформации на крвни садови и сл.)
- слабокрвност (анемија)
- невро-психијатриски заболувања (депресија, анксиозност и сл.)
….. и бројни други фактори
Најчеста причина за тинитус е оштетување на слушните клетки во внтарешното уво. Овие сетилни клетки ги детектираат звучните бранови и ги претвараат во нервен импулс. Тоа се нервни клетки кои не можат да се регенерираат, што значи дека доколку овие сетилни клетки се оштетат, тие не може да се обноват. Губиток на овие клетки од разни причини доведува до намалување на слухот и обично појава на тинитус.
КОГА ТРЕБА ДА СЕ ЈАВИТЕ НА ЛЕКАР ?
- при нагло настанување на зуењето
- значително влошување на веќе постоечкото зуење
- зуење во уши кое се јавува после повреда на глава
- зуење кое настанало како последица на изложеност на јака бучава
- доколку зуењето е придружено со ненадеен пад на слухот
- доколку покрај зуењето е присутна и вртоглавица
Секое зуење во уши во принцип треба да се испита.Тоа подразбира ОРЛ специјалистички преглед и основна аудилошка дијагностика – аудиометрија и тимпанометрија.
Подетални дијагостички испитувања се прават доколку лекарот процени дека постојат медицински индикации за тоа. Во дополнителни иследувања спаѓаат:
- отоакустични емисии
- аудитивни евоцирани потенцијали
- акустични рефлекси
- вестибуларни испитувања
- магнетна резонанца на глава
- магнетна ангиографија
- Доплер на крвните садови на врат и/или транскранијален доплер
- рентгенолошки иследувања на цервикален дел од ‘рбетен столб

ЛЕКУВАЊЕ
Нема конкретен лек кој е ексклузивен во лекувањето на тинитусот. Третманот се заснова во лекување на примарното заболување кое довело до појава на зуење во ушите.
Доколку зуењето е последица на примарен проблем кој може медицински да се истретира тогаш се очекува и да дојде до повлекување на зуењето.
Со оглед на тоа што најчест причинител е сензори-неуралната редукција на слухот (намален слух како последица на оштетување, пропаѓање на слушните сетилни клетки во внатрешното уво) со досегашните медицински достигнувања не постои можност да се поправат и обноват овие нервни клетки, а со тоа да се врати слухот и да исчезне зуењето. Во вакви случаи терапијата се заснова во превентивно делување со цел да не дојде до доплонително влошување на веќе намалениот слух, а со тоа и до дополнително интензивирање на тинитусот. Во вакви случаи пациентот треба да се научи да живее со оваа непријатна пропратна појава. Кај овие пациенти понекогаш слушниот амплификатор (слушно апаратче) покрај тоа што врши корекција на слухот придонесува и за намалување на зуењето.
Доколку зуењето во ушите е со многу јак интензитет и притоа значајно го пореметува квалитетот на животот и делува негативно врз психичкото здравје во третманот може да се додадат и антидепресивни лекарства како и тинитус маскери (апарати кој со шумот кој го произведуваат го покриваат т.е на некој начин го неутрализираат зуењето во ушите кај пациентот).
Медикаментозната терапија е суплементарна терапија која треба да доведе до подобрување на циркулацијата во внатрешното уво и стабилизирање на сетилните клетки.
Во третманот на тинитусот битно е да се знае следново:
- доколку тинитусоте последица на примарен проблем кој може медицински да се истретира (излекува) тогаш се очекува да дојде и до негово намалување, повлекување т.е исчезнување
- доколку тинитусот е последица т.е е придружен симптом на намален слух тогаш пациентот треба да биде информиран и свесен дека медикаментозната терапија нема да биде од голема корист во лекувањето на оваа состојба односно нема да доведе до повлекување на зуењето.
Автор на текстот: Бојана Силјановска Новачкова- Др.спец.оториноларинголог во Промедика -Скопје


