КЕРАТОЗА-БЕНИГНИ ТУМОРИ
КERATOSIS SEBORRHOICA или позната како Verruca seborrhoica senilis, basal cell papilloma, претставува кожна лезија која спаѓа во групата на бенигни епидермални тумори. Се карактеризира со епителна пролиферација, хиперкератоза и хиперпигментација. Таа е најчестиот бенигнен кожен тумор чија што инциденца се зголемува со возраста, со подеднаква застапеност на половите, а може да се наследи автосомно доминантно кога се манифестира со генерализиран распоред на промените по целото тело.
Причината за епидермалната пролиферација не е позната. Се смета дека до овој процес можат да доведат некои онкогени вируси но до сега од лезиите не е изолиран вирус. Промените започнуваат како помалку или повеке издигнати округли или овални плажи со боја на кожа или жолто-портокалово пребојување, сомотска површина и дијаметар од неколку милиметри. Со тек на време се зголемуваат и до неколку сантиметри во пречник станувајќи темно кафени до антрацитно црни, површината им е верукозна и масна па при отстранување е лесно ронлива. Во интертригинозните регии мацерираат, а субјективни симптоми нема. Можат да се јават на било кој дел од телото, со нешто зголемена зачестеност на трупот, рамената, вратот, капилициумот и екстензорните страни на екстремитетите. До спонтана регресија не доаѓа.

Себороичните кератози можат да се поделат на следните типови
– типична keratosis seborrhoica (basal cell papilloma)
– ретикуларна keratosis seborrhoica (adenoid seborrheic keratosis)
– Stucco keratosis (hyperkeratotic seborrheic keratosis), често светло-кафена до бела плоча или папула во дијаметар од 1-5mm, со локација на дисталните делови од тибијата, лактите и стопалата
– иритирана (инфламирана) keratosis seborrhoica
– Keratosis seborrhoica со сквамозна атипија
– Мelanoacanthoma (пигментирана keratosis seborrhoica)
– Dermatosis papulosa nigra – најчесто манифестна меѓу повозрасната популација од црната раса со презентација на лицевата регија како мали папули
– Inverted follicular keratosis
Дијагнозата се поставува врз основа на карактеристичната клиничка слика и дермоскопскиот наод.Темно пигментираните лезии се предизвикувачки во дистинкцијата од нодуларните меланоми, како и тенките себороични кератози на фацијалната кожа во диференцијацијата од lentigo maligna дури и со дермоскопија.
Третманот на себороичните кератози не е неопходен, исклучувајќи ги естетските причини. Лечење е потребно само доколку се на места склони на иритација и самоповредување, кога е потребна хируршка ексцизија. Помалите лезии можат да бидат третирани и со cryo-терапија, електрокаутер и ласер-терапија.
Автор: Д-р. Ивана Панговска (Дерматовенеролог во Промедика Скопје)



