Гихтот е метаболна болест која настанува како резултат на прекумерно создавање на мочна киселина и таложење на мононатриум урат во зглобовите и меките ткива.

Клинички се презентира како уричен артритис, урични тофуси, урична нефропатија и урична калкулоза.

Акутниот уричен артритис, најчесто се појавува на палецот на стапалата, обично ноќе со драматична клиничка слика (силни болки, црвенило) и потсетува на инфективен артритис или флегмона. Најчесто заболуваат мажите. Освен првиот зглоб на палецот, може да биде зафатен и скокалниот зглоб, колено и други зглобови.

Нападите на акутниот артритис често се повторуваат. Уричната нефропатија е тешка компликација на постојано високите вредности на мочната киселина. Уричната калкулоза се јавува кај 5% од болните со хроничен артритис.

Придружни болести на гихтот се: хипертензија, хеиперлипопротеинемија и дебелина. Покрај анамнезата и статусот при прегледот на заболените зглобови, дијагнозата  се потврдува со наод на кристали на мононатриум урат во зглобната течност.

Лекувањето на акутниот напад на уричен артритис е со високи дози на нестероидни антиревматици, а во некои случаи и корикостероиди. Се советува мирување, облоги, зголемен внес на течности, исхрана со помалку пурини ( внатрешни органи од животни). Забрането е употреба на алкохол.

Лековите кои го намалуваат нивото на мочната киселина во серум не се даваат во акутниот напад на артритисот, а хипоуриците, лекови кои го спречуваат создавањето на мочната киселина, се даваат после смирување на акутниот напад на артритисот.

 

Пишува: Проф. Д-р Нада Марина, интернист и субспецијалист по ревматологија од МЕДИКА Истанбул Тетово, поопширно околу ова прашање.

Е-маил: nada.marina@medicaistanbul.mk