Нормалното око ги разликува 3-те основни бои и од 150-180 дополнителни нијанси на бои кои се добиваат со мешање на основните бои.

Типови

Постојат 2 типа на слепило за бои: вродено и стекнато.

Вроденото слепило за бои  – се нарекува дисхроматопсија  (далтонизам). Се cреќава доста често и се пренесува генетски од родителите на децата (почесто кај момчињата).

– Аномална трихромазија – се разликуваат сите 3 основни бои но со послаб интензитет.

– Дихромазијa – не се разликува една од основните бои. Непрепознавање на црвена боја – протанопија, зелена боја – деутеранопија и сина боја (која е најретка аномалија) – тританопија.

– Монохромазија или ахромазија – тотално слепило за бои.

Здобиеното слепило за бои се среќава кај заболувања на очниот нерв, ретината, нервните патишта или мозочниот центар.

Откривање

Проверката на слепилото за бои се извршува со специјални ISHIHARA тестови Тестовите се состојат од броеви кои се напишани со нацртани кругови на нијанси на бои врз одредена подлога  Пациентот кој се испитува треба да ги препознае напишаните  броеви.

Кај некои професии  познавањето на боите е неопходен предуслов – на пример кај професионални возачи и пилоти. Во зависност од степенот на нарушување, може да имаат ограничувања при добивањето на возачка дозвола.

Денес слепилото за бои може да се третира со специјални контактни леќи или очила кои имаат додаден филтер со кој се подобрува препознавањето на нијансите на бои.

Автор: Д-р. ЛАЗАРЕСКА ЛИДИЈА  (специјалист офталмолог во Промедика – Скопје)