Симптоми, знаци и третман на состојби и болести во гениталната регија од рана детска возраст!
Во педијатријата има многу симптоми, знаци, состојби и болести кои се јавуваат уште од раната детска возраст. Јас ќе се задржама на оние кои се јавуваат во гениталната регија. Уште по самото раѓање на детето може да се видат и ако на време не се корегираат, ризиците за неплодност или малигност се големи. Во предел на гениталната регија можат да се видат отоци и тоа во предел на скротумот како:
- Хидроцела (водена кила) – која може детето да ја има уште при самото рагање. Хидроцелата е собрана течност во туника вагиналис. Големината ретко се менува, а на палпација таа е безболна. До година дена се повлекуват, а ако се многу големи и хируршки се интервенира.
Ако се јави кај поголемо дете може да биде знак за малигност. Тестисот не може обично да се палпира низ течноста.
- Ингвинална херниа (препонска кила) – се јавува кај деца посебно кај недоносени бебиња и почесто кај машки. Се протега на ципите, безболна е на палпација, а при зголемување на интраабдоминален притисок како при плачење, напор или кашлање хернијата може да се зголеми, а кога бебето е релаксирано може да се повлече. Болка може да се јави само кај инкарцерирана хернија или уклештена кила, каде може да има знаци на интестинална обструкција или цревна обструкција. Почести се кај момчиња и се резултат на перзистентна проодност на прицесус вагиналис кој нормално се затвара со раѓањето.
Килата може да се намали со манипулација, освен кај инкарцериранатаили уклештената. Херниите се третираат хируршки. Инкарцерирана хернија итно се третира и затоа на родителите треба да им се укаже на знаците на инкарцерација.
- Торзија на тестиси (увртување на тестисите) – тестисите кај децата обично се подвижни и увртувањето се случува кога тестисот ротира на сперматична врвка. Најчесто се јавува кај деца до 6 годишна возраст, но може и во било која возраст да се јави. Детето има јака болка, црвенило и оток на скротумот и дава отпор при преглед. Увртувањето на тестисот доведува до прекин на циркулацијата на крв, а тоа доведува до различен степен на исхемија. Скротумот е мек и отечен. Потребна е брза хируршка интервенција во првите 6 часа за да преживеат повеќе гонадални клетки. Се прави фиксација на двата тестиса ако причината е мобилен не фиксиран тестис.
- Епидидимитис – тоа е воспаление на епидидимитите место каде созревааат сперматозоидите на патот од тестисите до пенисот. Ретко се среќава пред пубертет. Болката настанува постепено пропратена со температура и уринарни симптоми. Скротумот е отечен има црвенило и болка при допир. Симптомите се слични како кај торзија на тестиси, што ја отежнува диференцијалната дијагноза. Лечењето е конзервативно со мирување и антибиотици.
Др. Катерина Старковскa (Спец. педијатар), Здравствен дом- Скопје
- Kрипторхизмус (неспуштен или ектопичен тестис) – тестисот кој стално се наоѓа вон скротумот и со никаква манипулација не може да се спушти во нормална положба го сметаме за не спуштен тестис. Ако во било кое време тестисот се најде во скротумот или пак може со манипулација да се доведе до скротумот се вика мобилен или ретрактилен тестис. Toa e некомплетно или погрешно спуштање на тестисот за време на гестацијата. Обично крипторхизмот е унилатерален. Ако е билатерален може да биде предизвикан од хипопитуитаризам. При преглед не се палпира тестис или високо во ингвинална регија или во скротум. Не спуштениот тестис се наоѓа низ нормалниот пат на спуштање а процесус вагиналис обично е отворен. Ектопичниот тестис го комплетира своето спуштање но завршува на погрешна дестинација обично во ципите. Не спуштени тестиси почести се кај предвремено родени деца и почесто се придружени со ингвинална херниа. Дијагнозата се поставува клинички, со ултразвук се лоцира тестисот, а ако има билатерално не палпабилни тестиси се прави хормонален тест за хипопитуитаризам. Третманот е оперативен со орхидопексија пред две годишна возраст. Постои ризик од малигност кај не спуштени тестиси. Ризикот од инфертилност е зголемена подоцна во животот ако се остават не третирани.
- Хипоспадија- е состојба кога уретрата е абдоминално поставена. Со зголемување на тежината на состојбата пенисот се свиткува према внатре. Потешките случаи бараат хируршка интервенција за да се овозможи правилно мокрење а покасно и сексуална функција, а со тоа да се избегнат и психолошките последици од малформираниот генитален орган. Хируршката интервенција се прави пред две годишна возраст.
- Двополен генитален орган ретко се јавува кај бебињата и е со неопределен пол. Тоа е ургентна состојба и се прават многу испитувања за да се одреди полот на детето. На родителите се советува додека полот не се одреди да не се брза со давање на име на детето.
- Фимоза или неретрахиран препуциум- кај поголем број од машките деца препуциумот е ретрахибилен или се повлекува пред три годишна возраст. Ако не може пред оваа возраст да се повлече тоа не е патолошка состојба. Вистинската фимоза е или конгенитална или настаната од инфламација или воспаление и бара хируршка интевенција.



