Рани стимулации во првите две години кај деца со ризик и деца со развојни нарушувања
Секојдневно во мојата практична работа, разговарам со родители на деца кои се родени со фактор на ризик или имаат деца кај кои веќе е потврдено постоењето на одредено развојно нарушување. Секогаш на првата средба родителите се преплашени, вознемирени и загрижени од самата помисла: што да очекуваме од нашето дете. Потребно е време и трпение за да се ислушаат нивните маки и нејаснотии, во врска со нивното разбирање за развојот на своето дете.
За да се разбере развојот на детето, потребно е да се направи:
– развојна процена што подразбира испитување на функциите на детето во утврдени развојни области, кои се барани за возраста на детето
– запознавање со развојната слика на детето, која не секогаш е во согласност со очекувањата на родителите
– објаснување на законитостите и специфичностите во развојот карактеристични за постоечката состојба на детето
– примена на потребните видови на сензомоторни стимулации усогласени со моменталните потреби на детето
– рана поддршка на родителите во периодот на раниот детски развој
– рана помош за постоечките проблеми кај детето.
Реалното прифаќање на развојната слика за детето е само почеток во долгиот и макотрпен процес на меѓусебна доверба и соработка помеѓу стручното лице и родителите.

Стимулативна работа со детето подразбира индивидуален пристап во подготвена средина и професионално искуство при опсервација на секоја одделна развојна област.
Целите на развојната стимулација се насочени кон:
-Ублажување или доколку е можна корекција на раните отстапувања во развојот
– Искористување на преостанатите потенцијали кај децата
– Спречување на појава на секундарни последици врз развојот од постоечкото примарно нарушување.
Неопходно е родителите да ги прифатат овие цели на работата, бидејќи ќе биде потребно и тие да бидат активни чинители во процесот на подобрување на развојот на детето.
Раната помош која како едукатор-рехабилитатор им ја овоможувам на овие семејства се состои од:
-Едукација на родителите за потребите и можностите на нивното дете
– Покажување и објаснување на видовите на стимулативни мерки кои родителите треба секојдневно да ги применуваат дома со своето дете
– Континуирана проверка на развојот на детето во кратки временски интервали со цел прецизно следење на сите можни промени кај детето
– Подучување на родителите за можностите на детето, да научи одредени задачи во одреден период од развојот,,
Вообичаени видови на сензомоторни стимулации кои се применуваат се:
Моторно-вестибуларни вежби кои се изведуваат со поставување на бебето во различни положби, изведување на пасивни движења и постепен премин кон поттикнување на појава на активни движења
Тактилно стимулативни вежби кои вклучуваат допир и притисок со дозиран интензитет и техника на изведување
Фото стимулации со примена на различни извори на светлечки ефекти и видови на стимулативни бои
Фоно стимулации со примена на звучни извори со интензитет и фреквенција која ја одредува стручното лице
Стимулација на говорно-социјален развој вклучува методи на поттикнување на развој на овие функции
Стимулација на визиомоторна координација, манипулативни способности и употреба на прецизни движења на прстите
Стимулација на когнитивен развој кој започнува со едноставни и продолжува со се посложени задачи за рано учење
Во рамките на овој долг и комплексен процес, најважната компонента е сензибилноста и стручноста на самиот дефектолог. Таа се огледа во неговата способност да успее да влее надеж кај семејството дека со долга, упорна и добро осмилена програма за работа, ќе може во значителна мера да се влијае на преостанатите потенцијали кај детето со крајна цел: ,,да се постигне максимално можен развој согласно со состојбата на детето,, .
Автор на текстот:
Магистер за специјална едукација и рехабилитација
Ана Дончевска-Пенчев
ЗДС-Здравствен Дом Скопје (Поликлиника Бит Пазар)


