Стеатоза на црн дроб е состојба на патолошко таложење на масти во хепарните клетки, во толкава мера да мастите сочинуваат повеќе од 5 % ткивото на црниот дроб. Црниот дроб може да е благо до умерено зголемен. Стеатозата облично се јавува кај алкохоличарите, но тоа што загрижува е што сè почесто се дијагностицира и кај лица кои не консумираат алкохол, или го користат во мали количини. Во тие случаи, зборуваме за неалкохолен стеатохепатитис. Кај овие луѓе, стеатозата на црниот дроб може да биде како последица на дебелината, дијабетесот, изложеноста кон некои хемиски агенси, употреба на лекови, како и разни метаболни пореметувања на мастите.

Порано се мислело дека стеатозата е скоро безопасна состојба која не напредува во болест, меѓутоа новите сознанија покажуваат дека може да биде многу сериозна и доколку се запостави, може да доведе и до цироза на црниот дроб.

Стеатозата најчесто е асимптоматска и со самото тоа е отежнато дијагностицирањето. Најчесто се открива случајно, при рутински преглед. Понекогаш се јавува тапа болка под десниот ребрен лак, надуеност на стомакот, како и тегоби при варењето на храната.

За дијагноза, но и за проценка на хепарните функции и состојби, во секојдневната пракса е одредувањето на лабораториските параметри: – специфични хепарни ензими (АСТ, АЛТ, ГГТ, АЛП, билирубин), липиден статус, маркери на хепатитис А, Б И Ц ( за да се исклучи инфективна причина за болеста).

Вредностите на  АЛТ и АСТ најчесто се благо до повеќекратно зголемени, додека зголемените вредности на другите ензими се нетипични. Постојат случаи, кога вредностите на АСТ и АЛТ се нормални.

Лабораториските анализи не се доволни за да се постави дијагноза. Методите како ултразвук, КТ и МРИ исто така се користат во дијагностични цели. Со примена на ехо, се гледа зголемен хепар, со светла скоро бела боја. Понекогаш е неопходно е да се направи  КТ и МРИ, а исклучително е потребно да се направи и биопсија, иако е инвазивна метода.

Терапијата на стеатотичниот (замастениот) црн дроб зависи од етиологијата. Доколку причина е алкохолот, најдобро решение е апстиненцијата. Специфична терапија нема, акцент се става на  промена на начинот на живот и исхрана. Дебелината е голем ризик фактор. Кај 80% од пациенти со зголемена телесна тежина  се открива стеатоза. Се препорачува рестриктивна диета, со намален внес на масти јаглехидрати, како и поголема физичка активност. Важно е и да се води сметка за лековите кои ги земаме, да се избегнуваат хепато-токсичните лекови. Контролниот преглед треба да се прави на 6-8 недели од почетокот на диетата, односно алкохолната апстиненција.  Доколку ензимите се нормализираат или имат благ пад, треба се продолжи со тој  режим.

Паралелно со диетата, хепатопротективни лекови кои најчесто се даваат се препарати врз природна база од семки од растението „магарешки трн“ (SILYBUM MARIANUM).

Стеатозата (замастеноста), може во пополност да се извлечи ако навреме се дијагностицира и ако пациентот се придржува до лекувањето кое му е препишано од лекар. Не е безопасно,  бидејќи околу 30 % од болните со неалкохолна стеноза прогредираат до цироза на црн дроб во период од 10 години, а цирозата е хронична долгорочна болест која постепено доведува до смрт.

Д-р Агрон Палоши (специјалист интернист-Медика Истанбул)

е-mail: agron.palloshi@medicaistanbul.mk