Зошто е важна водата?  Колку вода треба да пиеме? Колку течности му се потребни на телото?

Тимот на Метаболизам оствари повторна средба со докторката која секогаш е расположена да не советува на тема здравје. Д-р.Маја Милованчева Поповска (др.на медицински науки). Нема да бидеме нескромни ако кажеме дека таа  е едена од најдобрите нефролози во Македонија и една од најдобрите ехо дијагностичари. Денешната тема на разговор е водата. Луѓето би можеле да издржат без да внесуваат храна  од 3 недели до два месеца  , но без вода во зависност од општата здравствена состојба на телото и умот би издржале од 3 до 5 дена. Водата ни е неопходна, зошто? Колку и како треба да ја пиеме? Кои се знаците за дехидратација? На кој начин треба да внесеме течност преку ден? Ова се само дел од прашањата кои и ги поставивме на др. Маја Милованчева Поповска. Прочитајте со внимание!!!


Метаболизам –  Се смета дека 80-90 % од населението не пие доволно вода. 13% жени и 20% мажи кажуваат дека воопшто и не пијат вода! ‘2 литри вода на ден’ стана мантра за здравје. Но, колку вода навистина ни треба?

Д-р Маја Милованчева Поповска – Секојдневно губиме вода преку дишење, потење и отстранување на отпадните материи, урина и фецес. Постои конфузија околу тоа колку течности треба да пиеме. Не е толку едноставно како “осум чаши на ден.”

Не постои една мерка зи сите, многу фактори влијаат на тоа колку една индивудиа има потреба од вода – пол, возраст, тежината, физичката активност и климата.

Внесот на вода е различен и зависи од климатските услови, навиките и степенот на физичка активност. Со потењето течноста која се губи во просек е околу 100 мл, но при многу топло време или во тек на тешка физичка работа губитокот на вода може да е до 1-2 литри.

Нашето тело има потреба од вода за да функционира правилно, да се регулира температурата на телото, есенцијална е за функцијата на клетките, ткивата, органите и за имуниот систем. Пиењето вода го забрзува метаболизмот и дава чувство на исполнетост. Ова влијае на апетитот и помага да се одржат здравите навики во исхраната.

Метаболизам – Каква е состојбата со физичката активност, вежбањето?

Д-р Маја Милованчева Поповска – За да останеме хидрирани неопходно е да се зголеми циркулацијата и секоја форма на вежбање помага. Движењето ја забрзува циркулацијата, го подобрува нивото на електролити и помага повеќе хранливи материи да се донесат до клетките.

Во зависност од тежината и интензитетот на вежбање секогаш има потреба да пиеме повеќе вода за да го надополниме губитокот на течности. Со внес на вода треба да се почне и два часа пред почеток на вежбање и потоа на секои 15 мин. да се пие вода додека се вежба.

Метаболизам – Кои се знаците на дехидратација?

Д-р Маја Милованчева Поповска – Ние дури и не приметуваме кога сме дехидрирани  – се додека не стане доцна. Вообичаените знаци за дехдрација се слабост, главоболка, вртоглавица, наузеа. Најдобар начин да видиме дали пиеме доволно вода е да ја провериме бојата на урината која треба да има светло жолта боја. Ова се одржува ако постојано пиеме по малку вода во текот на денот. Ако е потемна урината треба да пиете повеќе вода.

Метаболизам – Нема многу нешта кои толку многу не задоволуваат како чаша ладна вода во врел ден. Зошто е толку важна хидрацијата?

Д-р Маја Милованчева Поповска – Најдобри сигнали на дехидратација се жед, сува уста, блага главоболка и потемно обоена урина. Но НЕ пиењето на вода влијае многу сериозно на телото.

Се менува расположението и нивото на енергија. Мозокот е составен од 85% вода и дехидратацијата влијае на расположението, нивото на енергија и менталните способности. Се јавува главоболка, слабост, потешка концентрација, летаргија. Ефектите се поизразени кај жените отколку кај мажите.

Се намалува издржливоста и се јавува мускулен замор. Дехидратацијата води до замор и така се намалува мотивацијата за вежбање. Мускулна болка, грч и подолго време на опоравување се последица на недоволно пиење вода пред, за време и по вежбање.

Метаболизам – За што уште е важна водата?

Д-р Маја Милованчева ПоповскаВодата е есенцијална за одржување на пасажата на содржината во цревата. Кога не земаме доволно течности, телото компензира со одземање на вода од изметот предизвикувајќи тврда столица и резултира запек, констипација. Вода е потребна за продукција на дигестивни сокови кои ја метаболираат храната.

Метаболизам – На кој начин можеме да внесеме доволно течност преку ден?

Д-р Маја Милованчева Поповска –

  1. Секогаш имајте со себе шише со вода (на работа на масата, до креветот, ва чантата). Ако ја глдеате и ви е на дофат веројатно е дека почесто ќе пиете вода.
  2. Супата е полна со вода, електролити и минерали и е вкусен начин да се зголеми внесот на течности.
  3. Изедете ја вашата вода! Според препораките ние треба 20% од дневниот внес на вода да го изедеме, овошјето и зеленчукот помагаат за хидрацијата. Домати, пиперки, зелена салата, карфиол, моркови, броколи, спанаќ составени се 90% од вода. Лубеницата е идеална за рехидрација поради водата, нејзините соли, калциумот и магнезиумот .Таа е добар извор и на калиум, витамин А и Ц. Стапчињата целер содржат 95% вода, богати се со влакна и минерали, калиум и витамин К. И се ниско калорични! Краставицата е многу богата со вода, калиум, витамин К, Б6 и железо, а нема масти. Јагодите се перфектен сладок извор на вода, со 92% вода, најмногу од сите бобинки и се богати со влакна и вит. Ц. Идеални се за безалкохолни коктели.
  4. Пијте растителни чаеви од нане, мента, мајчина душица, џинџер, изберете во што најмногу уживате.
  5. Никогаш не ја игнорирајте жедта. Ако сте жедни, веројатно сте благо дехидрирани и тоа веројатно веќе има негативно влијание на телото и умот.
  6. Ако не сте љубител на чиста вода, додадете свежо овошје или тревки за вкус. Свеж лимон, портокал, грејпфрут, јагоди, цреши, џинџер, босилек, нане се добри комбинации.
  7. Ако не можете да пиете ладна вода обидете се со млака или топла вода во која може да ставите неколку кришки свеж џинџер и лимон.
  8. Млеко и јогурт со мал процент на масти е одличен извор на калциум кој ги чува коските. Млекото е одлично за рехидрација и опоравување по вежбање.

Метаболизам – Дали е сеедно што пиеме? Што е со кафето, нели кафето е диуретик?

Д-р Маја Милованчева Поповска – Немојте да пиете погрешни работи. Важно е да се знае што да НЕ пиете. Алкохолот може да ве направи уште повеќе дехидрирани. Ограничете го внесот на газирани пијалоци. Спортските пијалоци се богати со шеќери и екстра калории и не ви се потребни.

Кафето има диуретски ефект но последните истражувања го урнаа митот дека предизвикува дехидрација. Кафето додава течност преку ден и во неговата чиста форма (без додаток на шеќер, шлаг) ја избиструва меморијата и ја подобрува издржливоста.

Метаболизам – Што е со минералните, газираните води? Треба ли да пиеме или не? Вистина ли е дека го покачуваат крвниот притисок?

Д-р Маја Милованчева ПоповскаМинералната вода го покачува крвниот притисок, а не “киселата.” Киселоста на водата зависи од нејзината пХ вредност. Нормалната вредност е од 6 до 8. Газираната вода содржи гас, јаглерод диоксид кој го спушта нивото на пХ и до 4.5 што значи дека тие и навистина е “кисела.”

Тие води поволно влијаат на лачењето желудочни сокови и варењето на храната. Добро е да се внесува кисела вода во мали количини за време или по оброкот.

Газирани минерални води НЕ се препорачуваат на деца и бремени, како ни за секојдневна употреба бидејќи СО2 влијае на здравјето ако таа вода се пие постојано и во големи количини.

За почакачување на крвниот притисок одговорни се минералите во водата, натриумот. Натриумот е еден од основните елементи но некои луѓе се осетливи на вишок на натриум. Тие задржуваат натриум и вода што води до пораст на крвниот притисок

Природните минерални води се делат на бикарбонатни, магнезиумски, сулфатни, калциумски, јодни. Овие води НЕ се за секојдневно пиење. Ако се определите за купечка вода потребно е да изберете слабо минерална вода со состав кој најмногу ви одговара, повремено менувајте ја, не фаворизирајте ниту една.

По прочитаниов текст тимот на метаболизам ве советува да се напиете чаша вода, доколку не поминале половина час по оброкот, тогаш сторете го тоа подоцна, за да не заборавите, наполнете ја веднаш чашата и ставете ја на позиција која ќе ве потсети дека треба да се напиете!!!