Секој родител го посакува најдоброто за своието дете и токму поради тоа и често се става во дилема дали да одбере градинка или баба, дадилка.  Ваша е одлуката, секако дека секој одбира според можностите и според здравствената состојба на детето. За имунитетот на децата, за честото разболување од градинките  тимот на метаболизам одвои време да поразговара со др.Слагана Ристовска (специјалист педијатар) прочитајте ги нејзините препораки!!!


Јаслите и градинките за многу родители честопати се синоним за често разболување на детето, појава на  високи температури и често одсуство од работа. Точно е дека престојот во колективи се проследени со разни инфекции поготово кај децата кои за прв пат тргнуваат во градинка, бидејки доаѓаат во контакт со разни видови на предизвикувачи на инфекции, па е потребно време организмот да создаде природна отпорност кон нив. Но, исто така треба да се знае дека во првите 4-5 години од животот на детето, нормално е детето да се разболи дури 6-8 пати во текот на една година.

Здравствената адаптација на детето во градинка зависи од имуниот систем на детето, така да дете со добар имунитет брзо ќе стекне отпорост кон разни бактерии и вируси кои се пренесуваат кај дечињата. Социјализацијата кај детето е многу битна за неговиот раст и развој и за поставување и почитување на правилата на однесување , па честопати родителите се наоѓаат во тешка состојба дали да го повлечат детето од градинка поради чести инфекции. Има состојби кои бараат детето привремено да се повлече од градинка како при состојби кога едно добро оздравено и излекувано детенце повторно се разболува, со цел да не влезе во еден круг на т.н сериски инфекции.

Децата често се разболуваат бидејќи нивниот имунитет е во развој и му треба јакнење. Горниот респираторен систем е претставен од еден триаголник од нос, ждрело и синуси и претставува влезна врата за инфекции, бидејќи тие се и први во допир со надворешната средина. Инфекциите на овој систем се многу чести во детска воздраст , поготово во зима кога имунитетот е намален. Битно е да напоменеме дека инфекциите  се во постојана корелација со повеќе фактори  кои влијаат врз здравјето на Вашето дете,како на пример

  • Возраста – колку детето е помало ,толку имуниот систем е незрел ,а тоа доведува до почесто разболување.
  • Физичкиот  контакт   со болни лица, употреба на кантаминирани играчки и предмети се исто така битен фактор за ширење на инфекциите.
  • Недоволната вентилација и проветрување на просториите, доведува до пренесување на многу вируси и бактерии по аерокапков пат .

Неопходни превентивни мерки

Драги родители,научетето го Вашето дете , дека хигиената има голема улога за да бидеме здрави и да не се разболуваме.

  • миење на раце после кивање, кашлање и бришење на носе, по одење во тоалет , пред и после јадење.
  • Правилна исхрана, умерена и разновидна, богата со протеини, масти, јагленихидрати, витамини и минерали е неопходна за правилен раст и развој на Вашето дете.
  • потребно е да се одржува добра хидрација, да се внесува доволно количество на  вода и течности.
  • Да се избегнува долг престој во затворени простории
  • потребно е децата да се облекуваат согласно на температурата, да не се преоблекуваат,ниту пак да бидат премалку облечени.
  • Да не ги заборавиме и спортските активности за правилен раст и развој на детскиот организам, а исто така и битен фактор за појачување на имунитетот.

 

Подготвил

Др.Ристовска Слаѓана

спец.педијатар во ПЗУ др.Ристовска

ул.Сава Ковачевик бр.47И-Скопје