Емисијата Алфа Ординација која се емитува секојдневно на програмата на Тв Алфа, повеќе од 3 години е препознтлив бренд кој на гледачите им нуди здравствена едукација, комуникација  со докторите, препораки за здрав начин на живот, здрав животен стил како и превенција и рана детекција  на многу заболувања. Новинарките Жаклина Мучева и Ивана Мангаровска се уреднички и водителки на емисијата, со нив екипата на Метаболизам.мк разговараше за тоа колкав е предизвикот да се води една емисија која третира медицински теми. Зборуваме за секоја подготовка на темата која се обработува, за комуникацијата со докторите. И секако за старт коментар за одговорноста и предизвикот со кој се соочуваат секојдневно.

Жаклина Мучева: Медицината секогаш ми била далечна област и не многу привлечна. Откако добив задача да водам емисија од оваа област „загреав столче“ и почнав да учам, а докторите да ги доживувам не како лекувачи , туку како партнери во реализација на квалиететн тв производ. Предизвикот беше повеќе од голем.

Ивана Мангаровска: За мене предизвикот да бидам водител на емисија за здравство ,можам да кажам дека беше прилично голем…со оглед на тоа што иако долги години сум пред камерите и поминале најразлични емисии и концепти,соговорници и содржини, сепак за емисија од ваков тип за мене беше прв пат.Го прифатив со задоволство, иако знаев дека нема да биде едноставно и дека ќе треба навистина вложување,време и труд ,секојдневно,за секоја тема.

Секој ден во  Алфа ординација се обработуваат  различни теми, емисијата се емитва во живо, постои интеракција со гледачите, водителот носи огромна одговорност, долгиот термин налужува на темелност во темата и исцрпни одговори од гостите. Прашавме како се подготвуваат, колку време им е неопходно за поготовка?

Жаклина Мучева: Кога работиш специјализирана емисија треба да си максимално посветен и голем дел од своето работно време да го користиш за подготовки. Во почетокот читав многу за темите кои ги разработувавме со соговорниците.Се внесував до тој степен што почнав да чуствувам симптоми од секоја болест за која правев емисија. Дури ми се случуваше да се соживеам со проблемот на некој гледач, па додека тој раскажува каква мака има , мене ми се насолзуваа очите од жал. По неколку месеци се „отрезнив“ и почнав малку да „кочам“.Продолжив да читам и да се надоградувам, но емоциите ги спакував. Професионалноста е првиот чекор кон добра емисија, а тоа значи, добро кониципирани прашања, максимална концентарција, спонтаност во реализација на емисијата, љубезност кон гледачите, но во истовреме тактичност кога треба да се скратат нивните прашања. Свесни дека носите голема одговорност кон гледачите односно пациентите, повторувате дека телефонското прашање за докторот не е поставување конечна дијагноза, мора да се оди на преглед.

 

Ивана Мангаровска: Сите овие работи се потребни,односно неопходни.Ќе почнам од одговорноста,која пред се ја имаме пред нашите гледачи од една страна ,но и кон нашите соговорници,докторите од друга страна.Станува збор за сериозни теми,треба добро разгледување и читање за самата проблематика за која зборуваме,точно  и прецизно поставени прашања,внимавање и концентрација  во целокупниот тек на емисијата,обработување на концептот,но и доволно простор за јавувања на гледачите за кои и всушност постоиме.

Секако дека секоја работа си има своја тежина, прашавме дали е тешко да се соработува со докторите ( тие работат во смени, некои имаат трема од камерите). Можат ли да се издвојат некои интересни случки?

 

Жаклина Мучева: На почетокот од емитувањето на емисијата беше навистина тешко да се обезбедат доктори за секојдневно гостување во емсијата „Алфа ординација“ . Прво ги покануваш оние што ти се пријатели , со нив правиш одреден број емисии и што потоа? Новинарството е професија со која си во постојана потрага по нови информации, знаења, луѓе, случувања, учиш многу и постојано треба да си во тек со се, па тргнуваш во нова авантура, ново професионално дружење со специјалисти од медицинската област. Кога договарам термин за гостување внимавам на нивното работно време, потоа на  пациентите, да не им го земам докторот кога им треба. Внимавам и на времето кога им е потребен одмор на докторите, па не ги барам за време на викенд или навечер. Докторите имаат пациенти во „мој термин“, па не секогаш можат да излезат во пресрет на нашите барања. Некои откажуваат гостување заради итен случај. Тогаш е најтешко.Терминот треба да се пополни , а кому да му кажеш да дојде „сега за сега“. Понекогаш докторите се навистина растргнати по телевизиите бидејќи на секоја телевизија има ваков тип на емисија. Така еднаш еден доктор го чекам за емисија, го нема, му се јавувам, а тој ми вели „ еве дојдов, тука сум“. Гледам во фоајето на Алфа , го нема, го барам во дворот, го нема, го прашувам каде е? Добивам одговор дека отишол во друга телевизија, ги измешал деновите. Задоцнивме со почетокот на емсисијата, ама ја имаше.

 

Ивана Мангаровска: Од моето досегашно искуство во ,,Алфа ординација,, прво морам да кажам дека навистина е задоволство да се соработува со луѓе,вистински и врвни професионалци во своите професии,и во овие години за времетраењето на емисијата 90 проценти од интервјуата сме ги реализирале онака како и кога што сме се договориле…Но, тука не изостанува и фактот што постојат различни,исклучителни ситуации,кои ниту можеш да ги контролираш ,ниту пак можеш да влијаеш на нив во моментот,како на пример ,откажување на гостување во истиот или ден порано од оправдани причини,што е навистина стресно и претставува притисок бидејќи емисијата е во живо.За среќа ,се снаоѓаме и во такви ситуации.Што се однесува до тремата,на докторите…ќе споменам една ситуација кога ми гостуваше кардиохирург во емисија.Неколку минути пред почетокот на емисијата ,приметив дека докторот има навистина трема,почна малку да се поти,да бледнее…го прашав како може човек кој секојдневно,сталожено и мирно,оперира пациенти чии животи се во негови раце ,да има трема сега на едно обично интервју?! Тој ми одговори…,,тоа е мој терен,ова не,исто како кога вие би требало да оперирате.

 

Кои теми, за кои  болести и заболувања има најголем интерес?

Жаклина Мучева: Најголем број јавувања има за кардиоваскуларни теми, потоа ортопедски, а интернистите се најбарани, бидејќи нив гледачите можат да ги прашуваат повеќе работи што ги мачат. Се случувало да има јавувања од гледачи толку многу, што  во цела емисија јас сум поставила само 2-3 прашања.Има емисии во кои нема јавувања (на пример за ретките болести), јас велам тие се исклучиво едукативни. Се случи еднаш да нема јавувања од гледачи за тема „Аутизам“.Ми беше многу чудно, знаејќи дека бројот на аутистични деца за жал се зголемува. При крај на емисијата(15 тина минути пред да одјавам) се јави гледач и рече дека емисијата е толку интересна што цело време слушал внимателно и научил многу нови работи. По него имаше лавина од јавувања, сите беа единствени дека емисијата била одлична и не сакале да го прекинат разговорот.

 

Ивана Мангаровска: Можам да забележам дека кардиоваскуларните болести и заболувањата од областа на ортопедијата можеби се најчести ,барем по јавувањата и  интересот на гледачите.Но,сепак ќе додадам дека секоја тема е важна,секојдневните совети,информации,едукативниот пристап кој секојдневно го одржуваме е клучен за опстојувањето и успешноста на самата емисија.

Нашиот пријатен разговор со Жане и Ивана го завршивме со препорака за читателите на метаболизам.мк

Жаклина Мучева: Мојата препорака до гледачите би била многу едноставна. Редовно да прават систематски прегледи, да бидат умерени во исхраната, активни во секојдневието и внимателно да ги следат емисиите од здравство за да научат нешто ново, но да не очекуваат лек по телефон.

Ивана Мангаровска: Како препорака ќе го кажам она што постојано го кажуваат и нашите доктори..Здравите навики и следењето на знаците на нашето тело на прво место,а редовните и превентивни прегледи како добра насока во одржување на здравјето.