Дипитренова болест е болест кај која доаѓа до трајно свиткување на прст или прстите, со неможност за испружување(контрактура) на дланката,а не ретко и на прстите се јавува задебелување во вид на поткожни чворчиња, фиброзни траки.Најчесто болеста почнува после 40-тата год. од животот,најнапред со појава на еден чвор,а потоа постепено доаѓа до ширење на фиброзни траки и на крај развој на слика на трајно свиткани прсти. 13% од Европската популација заболува од ова заболување.12000 операции на годишно ниво во Велика Британија се извршуваат поради Дипитренова контрактура.Односот мажи  спрема жени е 10:1.Во Македонија второ по честота заболување на горниот екстремитет.

Причини:

-Основата на болеста ја прави фиброзната дегенерација на фасцијата на дланката(палмарната апоневроза)

-Наследниот фактор е докажан и клучен во настанокот

-Често се јавува кај пациенти со шеќерна болест,епилепсија,луѓе што консумираат поголемо количество алкохол

-Некогаш се појавува непосредно после повреда на шаката

Симптоми и знаци

Првиот знак на развој на оваа болест е појава на  едно или повеќе поткожни задебелувања на дланката во вид на зрнести чворчиња кои може да се напипаат.Во понатамошниот развој на болеста се јавуваат поткожни траки и тогаш доага до првите знаци на свиткување на прстите. Најчесто е зафатен четвртиот прст,а потоа и малиот- петтиот прст, но може да почне на било кој прст.Пациентот се жали на неможност да се ракува со другите луѓе, да обавува мануелни работи(да пресече парче леб,да отвори конзерва,да зборува на мобилен телефон).Во помал број случаи се јавува освен на дланките, и на табаните и колената.Често се јавува билатерално ,на двета шаки.

Дијагноза

Детален клинички преглед со испитување на функција на испружување и свиткување на прстите, како и детектирање на поткожни чворчиња е сосема доволно да се постави вистинската дијагноза.

Третман

Во раната фаза лекувањето вклучува локална примена на ултразвук, ласер и кинезитерапија, како и кортикоидна инфилтрација.Во понапредниот стадиум се пристапува кон хируршка интервенција(минимално инвазивна микрохируршка техника без рез,без сечење е најдоброто решение.)

 

Автор: др.Синоличка Џамбазова (ортопед, микрохирург)