КАТАТОНИЧНА ШИЗОФРЕНИЈА
Стигмата на психичките болести претставена преку негативното обележување на лицата само затоа што имаат дијагноза на психичко пореметување е една од главните пречки за опоравување од болестите. Стигмата ја намалува самопочитта и го зголемува ризикот за депресија. Кататоничниот тип на шизофренија во последно време се класифицира како најредок тип на шизофренија. Симптомите најчесто се необични, кои вклучуваат психомоторни нарушувања. Ваков вовед ни даде Денис Арсовски -дипл. Физиотерапевт. Специјалист по рехабилитација при хирургија, ортопедијаи травматологија. Кататонична шизофренија – одлучивме да биде нашата тема за денеска.
Што претставува, што значи кататонична шизофренија? За каква состојба се работи?
Кататонијата претставува неврогена моторна неподвижност и абнормално однесување проследено со ступор. Кататонијата за прв пат е опишана во 1874 година од страна на Карл Лудвиг Кахлбаум во ‘’Die catatonic oder das Spannung Irresein’’ (Кататонија или тензично лудило). Во петото издание на ‘’Дијагностички и статистички прирачник на менталните растројства’’, кататонијата не се признава како посебно заболување, туку се поврзува со психијатриски состојби, како што е кататоничната шизофренија, биполарното пореметување од пост трауматски стрес, депресија, нарколепсија, злоупотреба на дрога или предозирање и др. Исто така, може да се види и во други медицински заболувања, како што се: енцефалитис, автоимуни заболувања, метаболни нарушувања, одвикнување од алкохол и др.
Денис Арсовски (дипломиран физиотерапевт-Генерален секретар на Македонско физиотерапевтско здружение)
Што е специфично? Кои се карактеристиките?
Пациентите со кататонија, можат екстремно да ги изгубат моторните вештини или да бидат под постојана моторна активност. Кататоничните пациенти можат понекогаш со часови да одржат цврсти пози без да реагираат на надворешните дразби. Пациентите со кататонија можат да страдаат од замор доколку правилно не се лекуваат. Пациентите можат да покажат специфични видови на движења како восочна флексибилност. Обично, кататоничните пациенти изговараат беззначајни фрази или само да повторуваат по испитувачот. Кататонијата, во делото на Карл, се означува и како синдром на многу лица.
Би сакале ли да ни посочите како и кои се дијагностичките попстапки кај кататонијата?
Според ‘’Кататонија – асоцирана според некое ментално растројство’’ (ДСМ-В), кататонијата се дијагностицира кога има најмални три од следниве симптоми:
- Ступор, односно намалени/исклучени моторни активности кои неактивно се однесуваат спрема надворешните дразби;
- Каталепсија, односно пасивно одржување на телото во спротивност на гравитацијата;
- Восочна флексибилност, односно испитувачот овозможува одредена позиционираност на кататоничното тело и останува во таа положба како што ја позиционирал испитувачот;
- Мутизам, осносно ако е намален или исклучен вербалниот нормален говор;
- Негативизам, односно нереагирање на надворешните дразби;
- Постура, односно одржување на телото спроти гравитацијата;
- Маниризам, односно чудни, циркумстанцијални карикатури во однос на нормалните активности;
- Стереотипија, осносно пациентот прави повторувачки движења;
- Агитација;
- Гримаси;
- Ехолалија, односно ги повторуваат/имитираат зборовите на другите луѓе;
- Ехопраксија, односно ги имитираат движењата на другите луѓе.
Постојат ли одредени – Подтипови на кататонијата?
- Ступор, односно апатично движење кое не реагира на надворешните дразби. Моторната активност е речиси непостоечка. Обично овие пациенти остануваат во некоја положба долго време, потоа се будат, и во рок од неколку секунди застануваат во друга положба;
- Кататонична возбуда, состојба после фатална нервоза или возбуда. Пациентите во овие случаи се многу хиперактивни, а доживуваат и халуцинации и илузии. Кататоничната возбуда најчесто се наведува како една од најопасните ментални состојби во психијатријата;
- Малигна кататонија, односно акутна појава на треска, возбуда, автономна нестабилност, делириум, и во најголемите случаеви е фатална.

Што друго би било специфично за ова заболување?
Кататоничниот тип на шизофренија во последно време се класифицира како најредок тип на шизофренија. Симптомите најчесто се необични, кои вклучуваат психомоторни нарушувања. Пациентите не се способни за говор, или имитираат говор според некој кој слушаат како говори, прават движења според некој како се движи или воопшто не реагираат на надворешни дразби. Кататонијата не е клучна само за кататоничната шизофренија, и други лица кои се болни од шизофренија покажуваат знаци на кататонија понекогаш.
Би сакале ли да ни ги посочите симптомите на кататоничната шизофренија?
Мислењето и говорот кај заболените од кататонична шизофренија можат да бидат променети на начин така што говорот станува тешко разбирлив, а мислењето нелогично, додека заболениот не го забележува пореметувањето. Пореметувањето во мислењето и говорот се однесува на прекини во мислите или уфрлување во текот на мислите, што како последица има неповрзан или неважен говор и неологизми (зборови кои ги има измислено пациентот). Говорот може да биде неразбирлив затоа што пациентот скока од тема на тема, без логичка поврзаност. Ваков говор е последица на пореметување во мислењето, кое може да биде неповрзано со полно нелогични конструкции на речениците, следено од детали кои не се важни или со нагла промена на темите, искривена граматика и користење на празни повторувани стереотипни изрази.
‘’Еден пациент на прашањето дали другите луѓе можат да знаат што мисли тој, одговорил дека сè е добро и сè ќе биде добро, што значи дека не одговорил на прашањето, туку дал одговор кој не е поврзан со прашањето. Еден друг пациент, на прашањето како би го опишал своето расположение, одговорил: „Кога бев дома, бев дома, малиот, русокосиот дојде и си отиде, а јас сум Господ тука и тоа во Врапче, јас сум цвет, благ и ветренце“. На прашањето дали слуша гласови, еден пациент рекол: „Знаете, сето тоа е така, ми се мати во главата, свеста е тука, морам да одам дома, сончев ден е, косата не ми е измиена, свеста е моќ, родителите ќе дојдат, повикајте ја мајка ми, знаете, постои централен мозок, тој вербегира“. (Нема објаснување за овој израз кој е негов сопствен збор кој го нема во речникот)’’.
Слушните халуцинации се многу типични за шизофренија, кога се јавуваат гласови кои му се обраќаат на пациентот во прво лице, или кога разговараат повеќе гласови. Може да се работи за гласот на Господ, ѓаволот, соседот, за непрепознатливи гласови. Содржината на она што се слуша може да биде разбирлива и неразбирлива. Многу често има повеќе гласови кои разговараат и зборуваат за некого во трето лице како за неа или за него, го коментираат однесувањето на пациентот, го опоменуваат, му се закануваат, го советуваат, некогаш му велат да направи нешто одредено, и слично. Заболените можат да доживуваат дека гласовите доаѓаат од другата соба, од ѕидовите, некогаш доживуваат дека доаѓаат од неговата глава, од друг дел на телото, на пример од грлото или стомакот. Поголемиот број халуцинации се непријатни, иако некои болни слушаат едни или други пријатни гласови. Болните многу често негираат дека слушаат гласови, од проста причина што за нив тоа не се халуцинации, туку реалност.
‘’Еден пациент слушал гласови како разговараат за него и смислуваат начини да го ликвидираат. На пример, рекле: „Внимавај на него каде оди и, кога ќе излезе, тогаш ќе го…“, слушнал дека некој одговара: „Добро, договорено“. Една пациентка чувствувала како има магнетофон во главата кој постојано ѝ зборува. Гласовите често биле неразбирливи, повеќе како мрморење, а некогаш биле сосема јасни. На пример, велат: „Донеси ми хартија“. Таа отишла во другата соба верувајќи дека татко и ѝ и зборува и утврдила дека родителите не ѝ се дома. Понекогаш ѝ се чинело дека гласовите доаѓаат од ѕидовите’’.
Тактилните (опипливите) халуцинации не се толку чести кај кататоничната шизофренија. Тие, на пример, се почести кај некои други состојби, како кај болестите поврзани со земање дрога или алкохол.
‘’Еден пациент често чувствувал удирање по телото на невидливи сили кои ги доживувал како болки. Видните и слушните халуцинации се значително поретки од слушните. Друг пациент видел околу себе пајажина од олово за која мислел дека доаѓа од злобните вили кои му порачувале да внимава што прави. Еден друг пациент речиси секојдневно гледал различни луѓе дводимензионално, како сенки. Верувал дека енергијата од сенките преминува на него. Еден пациент тврдел дека чувствува вкус на отров со кој секој ден го труе сопругата’’.
Кај некои заболувања може да бидат присутни одек на мисли, одземање на мисли и емитирање на мисли. Внесување на мисли е верување дека мислите му се уфрлаат во главата, тоа не се сопствени мисли, тоа се нечии туѓи мисли, личноста може да верува дека тие се уфрлени со телепатија или радиобранови, радар и слично.
‘’Еден пациент за време на состојбата која тој ја нарекувал состојба на свест и која ја минал во креветот, доживувал дека мислите му се шират, дека другите луѓе знаат што мисли тој, дека во главата му се вметнуваат различни мисли кои не се негови сопствени, тоа се мисли на различни мислители’’.
Одземањето на мисли е доживување дека мислите се губат, исчезнуваат од главата, па ги има помалку, така што главата останува празна и личноста е потполно блокирана за да мисли било што. Гласните мисли, или одекот на мисли, постојат кога лицето ги слуша сопствените мисли како да се озвучени, за да можат другите да ги слушнат, на пример човек ако седи блиску. Ширењето на мислите (емитирањето на мислите) е верување дека мислите не се приватни, дека сите луѓе можат да ги слушнат мислите на болниот, односно можат да ги читаат неговите мисли. Болниот доживува како нема повеќе приватни мисли.
‘’Еден пациент верувал дека мислите му ги фаќа еден скриен микрофон и ги емитира преку телевизија. Една пациентка доживувала дека сите луѓе можат да ги читаат нејзините мисли, па затоа мислела дека не треба да комуницира бидејќи и така сите знаат сè’’.
Многу од заболените од кататонична шизофренија имаат тешкотии во изразувањето на емоциите, па оставаат впечаток како да се емоционално ладни и незаинтересирани за настаните, односно не реагираат на настаните кои се случуваат околу нив. Ова емоционално изразување е променето во однос на претходното однесување. Растројствата во емоциите се однесуваат на намалување на интензитетот на емоциоаналното доживување или израмнети емоции (тапост), која може да се девижи од минимална до изразена редукција на надворешното покажување на емоциите, така што личноста може да изгледа дека е емоционално ладна, незаинтересирана и не покажува никакви чувства. Чувствителната рамнодушност е видлива во намалената мимика на лицето, движењата, слабиот контакт со очи. Некои лица можат да имаат осет како чувствата да им се изгубиле, како да немаат чувства, не можат да реагираат, се доживуваат како емоционално тапи, апатични, сосема индиферентни на настаните, а околината може да забележи редукција на мимиките на лицето, гестови на модулација на чувставата и недостаток на иницијатива. Кај некои болни може да постои дисхармонија меѓу емоционалното изразување и идеите и мислите кои се изнесуваат, на пример, пациентот може да зборува за смрт на пријател со насмевка, а тоа стручњаците го нарекуваат неадекватен афект, затоа што кога некој зборува за тажен настан, тоа е пропратено со чувство на тага, а не веселба. Некои лица заболени од шизофренија имаат тешкотии во препознавањето на емоционалните невербални знакови на емоции, односно тешко ги разликуваат емоциите. Некои пациенти ја забележуваат оваа тешкотија во изразувањето на емоции, додека кај други може да помине незабележано. Најблиската околина и стручњаците лесно ќе го забележат пореметувањето во изразувањето на емоции, за разлика од болниот кој не ја препознава оваа промена. Негативните симптоми можат значително да го онеспособат лицето, така на пример, болните можат да поминат време лежејќи во креветот и ништо да не работат, секоја активност може да им претставува напор, така што може да биде тешко да ги прават вообичаените рутински постапки, како лична хигиена, облекување, одење во продавница и слично. Негативните симптоми често не се препознаени како болест, туку се заменуваат со мрзливост, што често доведува до големи недоразбирања со околината и често само ја влошуваат состојбата.
Заболените од кататоничната шизофренија многу често имаат различни идеи, мисли, уверувања за кои веруваат дека се вистинити, како на пример пациентот И.Г. кој верувал дека го користат како генетски материјал за да направат копии на неговата личност. За себе верувал дека е избран за спас на светот и за спречување на војна во светот и дека го прогонуваат многу непријатели кои не сакаат неговата мисија да успее, не сакал за тоа да му зборува никому, затоа што се плашел дека сите се поврзани во шпионски служби и работат на неговото уништување. Верувал дека го следат преку чип вграден во неговиот мозок без негово знаење. За ова не зборувал во семејството. Тие го довеле на лекување кога почнал чудно да се однесува, излегувал само во темница, престанал да се дружи со луѓето, не се јавувал на телефон, викал и се карал во својата соба, како да разговара со некого кога во собата немало никој, или со некого разговарал по телефон.
Болните уверувања/делузивните идеи не можат да се променат со точни толкувања, треба лекување. Личноста е цврсто уверена во вистинитоста на доживувањата, иако за она што го доживува не постојат докази. Погрешните уверувања можат да опфатат погрешни толкувања на забележувањата, или искуства кои навистина се случуваат во животот. Тогаш се нарекуваат идеи на однос. На пример, звукот на автомобилската труба на улица, болниот го толкува како знак кој му е упатен нему, и тоа значи дека ќе го ликвидираат или му порачуваат да внимава што прави. Многумина веруваат како содржината на телевизија, разговорот на луѓето на поминување, се однесува на нив, како спикерите или актерите го коментираат нивното однесување и испраќаат некои пораки. Други делузивни идеи можат да вклучат различни теми. Постојат голем број болни идеи, како на пример верување дека некој го следи и прогонува болниот. Тие се нарекуваат персекуторни идеи. Многу пациенти веруваат како некој или некоја надворешна сила управува со нивните постапки преку компјутер, како постои чип во главата кој некој им го вградил додека спиеле, и со помош на кој го контролираат (идеи на управување, контрола). Надворешната сила може да биде како хипноза, телепатија, рентгенски зраци, атомска енергија, компјутер и друго.
М.Ј. верувала како телепатски добива упатства од свештеникот, како тој го следи секое нејзино движење и управува со неа како да е кукла без своја волја. Еден пациент тврдел како неговиот мозок работи со помош на еден магнет кој му е вграден во главата и преку него е поврзан на космичката свест. На тој начин е управуван и поради тоа често се однесува поинаку, против својата волја. Некои идеи можат да бидат навистина комплетно невозможни и чудни, па се викаат бизарни делузии, како горе наведените. Пациентот може да изразува многу чудни мисли (на пример, дека е кралски посвоен син, како побегнал од смртна казна), или мисли кои се апсурдни (како има стотина деца, прима радио-пораки од вселената преку пломбата на забот).
Когнитивните симптоми се многу чести кај шизофренија, а се однесуваат на тешкотии во вниманието, помнењето, примањето и обработката на информациите од околината. Овие тешкотии битно го отежнуваат секојдневниот живот на болните и често се непрепознаени.
‘’Во една тераписка група се водела вообичаена социјална комуникација, луѓето зборувале што правеле, каде планираат да одат, за времето, скокаат од тема на тема и бараат од Марија да се вклучи во разговорот, прашувајќи ја за плановите за викенд. Марија е збунета и не знае што би одговорила, забавено ги прима информациите, не е во состојба да се фокусира на честите промени на темите, не е во состојба да ги запамети сите информации, програмата на телевизија ѝ го одвлекува вниманието, не е во состојба да селектира што е важна информација, доживува паника и не може да одговори на едноставното прашање. Кога ѝ се повторува прашањето повторно, кога ѝ се зборува полека, што ѝ помага да го фокусира вниманието, во состојба е да даде одговор’’.

Постојат ли фази на болеста?
Постои продромална фаза која ѝ претходи на болеста, акутна или активна фаза на болеста, фаза на стабилизација и резидуална фаза. Ремисијата на болеста се вика состојбата кога после акутната фаза на болеста нема повеќе ниту позитивни ниту негативни симптоми на кататонична шизофренија, личноста може да се врати на ниво на функционирање пред болеста, или може да има некои благи отстапувања. Кога после акутната фаза нема да се повлечат сите симптоми на болеста, било да се работи за позитивни или негативни, фазата се вика резидуална. Во однос на активната фаза, овие симптоми се благо изразени.
Продромалната фаза се јавува пред да се појават типичните симптоми на болеста. Можат да бидат присутни постепени промени во расположението и однесувањето, личноста може да почне да се повлекува од социјалните контакти, чудно да се однесува, да се чувствува уморно и безнадежно, почнува да го запоставува својот изглед и личната хигиена. Овие симптоми можат да се јават и како рани знаци на предупредување откако се појавила болеста, пред појавата на повторна болест, и многу е важно да се реагира на овие симптоми за да се спречи следната епизода на болест или влошување на постоечката состојба.
Акутната фаза на болеста настанува со појава на психотични симптоми кои најчесто се развиваат како различни погрешни верувања (делузии) и халуцинации, најчесто слушни, следени од вознемиреност, чувство на загрозеност, несоница и други симптоми. Болните поради овие симптоми не можат да се однесуват адекватно. Во овој момент е многу очигледно дека личноста е болна, иако, за жал, тоа понекогаш е поочигледно за луѓето од околината отколку на самиот болен човек. Недостаток на увид во болеста е многу чест во акутната фаза и е причина да не се бара помош. Во тек на акутната фаза, лекувањето во болница најчесто е најсигурното место на кое може да се добие адекватно лекување.
Фазата на стабилизација на состојбата настанува кога акутните симптоми ќе се повлечат или се значително ублажени, така што личноста може да престојува надвор од болница. Оваа фаза може да трае со години, често ја прекинуваат фази на враќање на акутната фаза на болеста. Со сеопфатно лекување кое вклучува лекови и психосоцијални методи, ова враќање на акутната фаза на болеста може да се сведе на минимум. Истражувањата покажуваат дека кога се применуваат лекови, тренинг на социјалните вештини, психоедукација и работа со семејствата, ризикот за повторна појава на болеста опаѓа на 0-20%. Долунаведениот пример ја демонстрира првата епизода на шизофренија.
‘’Своевремено Анте дури и уживал во тоа да слуша гласови, некои го загрижувале, не можел да открие од каде доаѓаат и зошто токму нему му се обраќаат, знаел да оди во другата соба да провери дали радиото е вклучено. Со тек на времето потполно се навикнал на гласовите. Немал друштво од пријателите, па гласовите му биле како некое друштво. Имал тешкотии во наоѓањето на пријатели, тешко се вклучувал во друштво, иако тоа порано не му било проблем. Сега се му станало напорно. Веќе не одел на пијалак со другите студенти, што порано имал обичај. Само учел и речиси со никого не се дружел. На гласовите се навикнал, поминувал часови слушајќи што имаат да му кажат. Порано гласовите му зборувале дека ангели го чуваат, дека е божјо дете, генијалец кој ќе го спаси светот, но после почнале да му зборуваат грозни работи, дека е воен злосторник, дека ќе го затворат, ќе го убијат, да внимава каде оди и дека му се зад петици. Сето тоа било застрашувачко. Една ноќ, гласовите почнале да му викаат дека сега доаѓаат да го убијат. Анте почнал да вреска, викал на помош, некој повикал полиција, а полицијата Итна помош која го донела во болница. Набрзо дошле родителите на Анте. Докторите им објасниле дека се работи за акутна психотична епизода’’.
Прогнозата на болеста кај заболените од кататонична шизофренија е поврзана со низа фактори, како што се должината на траењето на болеста пред почетокот на лекувањето, тежината на самата болест, социјалното функционирање пред почетокот на болеста, когнитивните способности, социјалната поддршка, стресот, образованието, ефикасноста на психофармаколошката терапија, соработката во земањето на лекови, примената на психосоцијалните постапки кои вклучуваат тренинг на социјални вештини, психоедукација, работа со семејствата, помош за вработување, психотерапија и други постапки.
Неповолниот тек на болеста, исто така е поврзан со недостаток во увидот на болеста и потребата за лекување, односот меѓу пациентот, семејството и персоналот кој го лечи пациентот кој не се темели на доверба и добра комуникација, коморбидитетот со болести на зависност, недостаток на социјална поддршка и присутна емоционална напнатост и оптоварувачки комуникации во семејството, како на пример преовладувачки критизирачки или претерано заштитнички и контролирачки односи во семејството.
Значи, како ќе се развива болеста варира од случај до случај и зависи од низа фактори од кои се најважни соработката во лекувањето кое вклучува примена на лекови и психосоцијални методи на лекување.
Како се одвива лекувањето – терапијата?
Лекувањето кај кататоничната шизофренијата се спроведува болнички и вонболнички. Кога и да е возможно, треба да се даде предност на вонболничкото лекување и доброволното болничко лекување. Кај шизофренија можно е лекувањето да се спроведува и присилно, по строго дефинирана правна процедура од Законот за заштита на лицата со психички растројства. Во лекувањето се користат лекови и различни психосоцијални и психотераписки методи.
Почетниот третман е свртен кон намалување на потешкотиите и на симптомите. Бензодијазепините се на прва линија на третман. Често се потребни високи дози. Тест доза од 1-2 мг лоразепам често резултира со подобрување само во рок од половина час. Електроконвулзивната терапија е ефективен третман за кататоничните растројства. Доколку линијата на бензодијазепините не успее, се даваат амантадин или мемантин, строго препишани од лекар специјалист психијатар. Во табелата се дадени најчестите лекарства кои се даваат кај болни од шизофренија.
| Антипсихотици од постара генерација (типични) | Вообичаени дневни дози во милиграми (mg) |
| Flufenazin | 5-15 mg |
| Levomepromazin | 150-500 mg |
| Promazin | |
| Haloperidol | 5-15 mg |
| Антипсихотици од понова генерација (атипични) | Вообичаени днневни дози во милиграми (mg) |
| Sulpirid | 800- 1800 mg |
| Amisulpirid | 300-1200 mg |
| Klozapin | 200-900 mg |
| Risperidon | 4-6 mg |
| Olanzapin | 10-20 mg |
| Quetiapin | 300-600 mg |
| Sertindol | 12-20 mg |
| Ziprasidon | 80-160 |

Како се одвива рехабилитацијата?
Рехабилитацијата е свртена кон изградба на вештини потребни за секојдневен живот и работа во заедницата, а се темели на принципите на опоравување и оснажување, ја поттикнува автономијата на болниот со поттикнување на способноста за работа и, намалувајќи ја неспособноста – ја подобрува самодовербата, социјалното функционирање и квалитетот на животот (Liberman 2008, Roberson i sur 2006, Štrkalj Ivezić i sur 2010).
Различните психосоцијални постапки кои се применуваат поединечно или се планираат во состав на програмите за рехабилитација и кои вклучуваат поголем број постапки, се покажале како ефективни во лекувањето на многуте тешкотии кои се јавуваат кај заболените од шизофренија и заедно со лековите претставуваат оптимално лекување кое се препорачува денеска.
Најчесто користените психосоцијални методи вклучуваат: тренинг на социјални вештини, водење на случај (case management), едукација за болеста, работа со семејствата и друго.
Тренинг на социјалните вештини (Bellack 1997, Heinsen 2000) е психосоцијална постапка која се користи во лекувањето на различните растројства, а најмногу е користена и истражувана за подрачјето на шизофренија и другите растројства со психоза. Особено е структуриран во однос на потребите на лицата со ментални растројства кои се социјално дисфункционални, па имаат цела низа тешкотии да остварат самостоен живот, почнувајќи од основната грижа за себе до посложените интеракции со луѓето и исполнување на други различни улоги. Целта е, со помош на бихејвиорална техника на учење, да му се помогне на пациентот да научи низа вештини кои му се потребни за да го подобри своето функционирање во заедницата. Социјалните вештини претставуваат научени форми на однесување, односно извежбани способности. Социјалните вештини се групи на вештини кои им се потребни на луѓето како би биле што е можно подобри во интеракциите и комуникацијата со другите луѓе, а се мисли дека лицето е социјално вешто во зависност од степенот во кој ќе комуницира со околината. Со комуникација болниот ќе ги оствари своите потреби, права и желби, додека на личен план ќе допринесе за воспоставување успешни односи и поголемо лично задоволство. Целта на тренингот на социјалните вештини е подоброто снаоѓање и функционирање во секојдневните состојби. Начините на учење вклучуваат учење по модел (можат да се користат и видео записи, филмови или литературни дела), демонстрирање од страна на терапевти, играње на улоги или игри). Тренингот на социјалните вештини во реалните животни ситуации покажал најдобри резултати.
Едукацијата за болеста (Štrkalj Ivezić 2011) вклучува елементи на едукација и психотерапија. Се работи за процес низ кој пациентите разбираат што е можно повеќе за психичката болест врзана за симптомите, лекувањето, превенцијата од рецидив. Целта е да се „засили“ – пациентот да доживува дека е во позиција да влијае на својата ситуација, наместо да има чувство дека е на милост и немилост препуштен на болеста. Во едукацијата е особено важно да се препознаат раните знаци на влошување на болеста и заедно со експертите да се направи план за превенција од влошување. Едукацијата врзана за подучување за принципите на здрава исхрана и физичка активност корисна е како психосоцијална метода која влијае врз квалитетот на животот воопшто, особено врз доброто чувство и задоволство, осигурува корисна физичка активност која помага во поткревање на енергијата и одржување на здравјето. Истражувањата покажале дека лицата со шизофренија имаат зголемен ризик за телесни болести. Лековите кои ги земаат за лекување, исто така можат да предизвикаат нуспојави, како зголемување на телесната тежина, па здравите стилови на живеење можат да бидат добра превентивна стратегија.
Работа со семејствата (Kuipers i sur 1992, Štrkalj- Ivezić i Martić -Biočina 2010,. Hatfield 1990, Faloon i sur 1982): се одвива индивидуално или во група. Може да вклучува едукација за болеста, работа на подобрување на комуникацијата во семејството или и едното и другото. Информациите за болеста можат да помогнат членовите да ги променат своите ставови за психичката болест кои можат да бидат пречка за пружање поддршка на болниот член. Цел на работата со семејството е да се оптимизираат капацитетите на членовите на семејството за потпора на болниот член, како и добивање помош за себе кога тоа им е потребно. Истражувањата во семејствата со член кој се лекува од шизофренија и слични растројства покажале дека однесувањето поврзано со претераната критика и претераната заштита кон заболениот член е поврзано со зголемен ризик за појава на психотичка епизода, затоа препознавањето на неповолната комуникација во семејството може да дејствува превентивно на рецидив од болеста. Во работата со семејствата можат да се идентификуваат различни други однесувања кои можат да бидат поврзани со влошување на заболениот член на семјството кое бара терапевтско внимание.
Координирано лекување/ Case mangment (водење на случај) (Kanter 1989, Bachrach 1992, Anthony i sur 1993, Inataglia i sur 1982, Camberlen i Rapp 1999) е форма на специјализирана психијатриска практика развиена во земјите кои имаат развиена психијатрија во заедницата, а се однесува на лекување на болните со психотични растројства. Координираното лекување е пристап во лекувањето на лицата кои имаат долготрајни тешкотии поврзани со опоравувањето од психотичните растројства како шизофренија и биполарното заболување. Вклучува сеопфатна проценка на здравствените и социјалните потреби, координацијата на различните услуги во системот на службите за ментално здравје и во природната средина, на начин со кој пацинетот е во центарот на вниманието, да му се помогне да ги постигне своите лични цели и да го пронајде својот личен пат на опоравување. Потпората, клучната личност во системот на координираното лекување е координаторот на програмата на лекување – менаџерот на случајот. Координацијата на лекувањето е процес во кој една личност ја презема одговорноста за долготрајното одржување на супортивната тераписка релација, независно од тоа каде се наоѓа пациентот и колку различни служби се вклучени во неговото лекување. Функцијата на координатор на лекувањето е да му помага на пациентот да го идентификува и да ги осигура внатрешните и надворешните ресурси кои му се потребни за самостоен живот во заедницата. Координаторот би требало да биде вклучен во сите аспекти на физичката и социјалната околина на пациентот, вклучувајќи го домувањето, психијатриското лекување, грижата за здравјето, привилегиите кои треба да ги има, транспортот, семејството и социјалната околина. Координаторот на програмата може да биде експерт од различни подрачја поврзани со менталното здравје, кои во различен однос, во зависност од потребите на пациентот, своите професионални способности и службите за лекување кои се на располагање, а на темел на индивидуалната или тимската проценка на состојбата, спроведува лекување и му помага на пациентот да ги користи другите служби кои се неопходни за неговото опоравување. Кој однос меѓу терапијата и координацијата ќе биде застапен, зависи од потребите на пациентот, неговите лични капацитети да ги пронајде и користи службите, и од постоењето на различните служби во заедницата. Координираното лекување треба да осигура континуитет во лекувањето кое е индивидуално прилагодено на потребите на пациентот. Денеска е сосема јасно дека координираното лекување е важно за лекување на лицата со психотични растројства и дека ја редуцира потребата за хоспитализација.
Стигмата и методите на борба против стигмата
Стигмата на психичките болести претставена преку негативното обележување на лицата само затоа што имаат дијагноза на психичко пореметување е една од главните пречки за опоравување од болестите. Стигмата ја намалува самопочитта и го зголемува ризикот за депресија. Типичните стереотипни ставови (Link i sur 1998, WHO 2002) ги вклучуваат верувањата дека заболените од психички болести се опасни (шизофренија и лекувани во психијатриска болница), слаби личности, сами се криви за својата болест (депресија и анксиозни растројства), неспособни за донесување одлуки, самостојност и работа (шизофренија и други психотички растројства). Овие ставови често се главна пречка за опоравување од болеста, за самостоен живот и вработување.
Методите на борба против стигмата се ориентирани кон промена на ставовите на околината и се состојат од комбинација на едукација, контакти со претставниците на стигматизираните групи и протести (Corigan i sur 2002). Едукацијата треба да ги опфати оние информации кои точните информации ќе ги спротивстават на погрешните верувања или митовите кои се изградени на темелите од предрасуди и однесувањата кои произлегле од нив. При протестите се работи за протест против стигматизирање и дисриминирање на заболените, поврзано за сите аспекти на животот вклучиувајќи ги и медиумите. Секогаш е добро кога е прикажан негативниот стереотип во медиумите, спротивставен на шизофреното или реалистичкото видување.
Истражувањето на самостигматизацијата на лицата со психички болести открило дека 1/3 од испитаниците се оптоварени со стигмата која ја намалува самопочитта и го зголемува ризикот за депресија, па затоа ќе треба помош специфично врзана за овој проблем (Ritsher, Phelan 2004). Психосоцијалните методи кои го поттикнуваат оснажувањето можат да ја редуцираат самостигматизацијата, затоа треба темата за стигмата да биде вклучена во програмата на психоедукација за болеста како и кај другите постапки кои се користат во рехабилитацијата.



