Тоталната ендопротеза на зглобот претставува вештачки имплант, направен од биокомпатибилни материјали, кој делумно или во целост го заменува природниот зглоб. Биокомпатибилноста на материјалите,  кои денес се употребуваат во современата Ортопедија (Титаниум, Тантал, пластика со висока молекуларна густина, коскен цемент и други), претставува всушнот степенот на прифаќање на организмот на истите како свои, без да постои отфрлање на истите. Со тоа се овозможува добра фиксација на имплантите во самата коска најчесто со навлегување на коската на домаќинот во ендопротезата со што истата станува составен дел на зглобот.

            Ваквите ендопротези имаат примена на било кој зглоб, но најачесто се имплантираат на колковите, колената, поретко на рамењата, лактите и малите зглобови на прстите на рацете. При овој тип на хируршка интервенција, се врши замена само на оштетените делови од зглобната рскавица, водејќи при тоа сметка да се сочува или обнови биомеханиката на зглобот.

 

            За добар успех на било која имплантирана ендопротеза потребно е првенствено поставување на добра дијагноза, која мора да биде направена преку добар клинички преглед, РТГ испитувања, КТ, МРИ, при што клиничкиот преглед и искуството на ортопедот, е од непроценлива вредност во одлуката за изведување на оперативната интервенција и типот на истата.

            Во склоп на целокупната процедура од непроценливо значење е и раната постоперативна рехабилитација, за воспоставување на нормални, безболни движења.

            На овој начин им се овозможува на пациентите со проблеми на зглобовите, кои ги ограничуваат во движењето, безболно да продолжат со нормалниот живот и работни задачи и за 1,5 до 2 месеци да заборават на претходните болки како и да заборават дека воопшто имале оперативна интервенција.

 

Автор: Примариус Д-р Тодор В. Ношпал М-р Сци. Ортопедски хирург                                                                      Специјална Болница Медика-Истанбул Тетово, телефон 044 344 414