Кохлеарниот имплант може да им помогне на сите лица со двострано  сензонеурално оштетување на слухот. Со оглед на тоа , дека не е возможно да се предвиди прецизно користа за секој негов корисник треба да се знае дека:

А) имплантацијата во најмала возраст ( во различни земји е различна) е приоритетна, затоа што слухот е најважен за развојот на јазикот, а и самите резултати од истражувањата покажуваат подобри  резултати кај порано имплантираните деца.

Б) Постарите деца и возрасните со претходно развиен говор и јазик, генерално функционираат подобро со кохлеарен имплант

Ц) Долгиот период од апсолутниот губиток на слухот до имплантацијата може да ја ограничи користа од кохлеарниот имплант.

За вградување на овој систем и за постигнување на максимална корист од истиот, треба да бидат исполнети следните услови:

  • Двострано тешко сензорно оштетување на слухот,
  • Функционалноста на слушниот нерв
  • Нема корист и од најсовремените слушни апарати
  • Предоперативен рехабилитациски третман ( 3-6 месеци )
  • Добра реакција на слушниот нерв на електростимулација,
  • Општа здравствена состојба
  • Нормален интелектуален статус
  • Подготвеност на родителите и нивните реални очекувања
  • Соработка на семејството и околината во која лицето се реализира

Предоперативна процедура

  • Да се процени медицинска подобност за имплантација ( отолошки преглед и извештај на ОРЛ специјалистот за индикации на кохлеарниот имплант )
  • Да се направи аудиолошко испитување ( БЕРА, тонална аудиометрија, тимпанометрија )
  • Да се направи процена на слушна и говорна перцепција
  • Да се изврши процена на психомоторен развој

 

Хируршката интервенција (  вградување на имплантот) е само првиот чекор во помошта на лицата со тешко слушно оштетување . Операцијата содржи слични ризици кои се спроведуваат  со останатите интервенции на органот за слух.

 

Постопертивна процедура

  • Да се изврши иницијално подесување на кохлеарниот имплант
  • Да се дадат инструкции за негова употреба
  • Да се вклучи во рехабилитациски третман

После хируршката интервенција следува интензивен рехабилитациски третман преку кој со спроведување на слушни и говорни вежби, се овозможува  постигнување на целосниот  ефект од кохлеарниот имплант. Без нив лицето не ќе  може да научи максимално да ја користи новонастаната состојба ( слушањето ) како и да научи да го користи говорот  во процесот на комуникација со околината. Процесот на рехабилитација кај децата и возрасните , знатно се разликува , како што се разликува и рехабилитацијата на кохлеарно имплантираните лица со прелингвално и перилингвално оштетување на слухот во однос на рехабилитација на лица со  постлингвално оштетување на слухот.

 

Автор: М-р  Ивана Урдаревиќ логопед, специјален едукатор и рехабилитатор