Надминете го стравот од стоматолог
Страв од непознато, како и страв кој е стекнат со лично лошо искуство е природна човечка особина. Стравот од стоматолог до некаде разбирлив, особено кај повлечените и недоверливи деца. Да не се допушти стравот да се формира е несомнено најпожелен и најлесен пат. Голема улога во сузбивање на стравот од стоматолог кај децата имаат пред сè самите родители, кои на своите деца треба да им објаснат зошто овие посети се важни и зошто не треба да дозволат забите да се расипат.

Превентивно против стравот
Малите деца по своја природа се плашливи и недоверливи. Пределот на устата претставува исклучително осетлива зона чие загрозување ги активира одбранбените механизми. Најдобар начин да се спречи формирање на страв кај децата е да се започне со превентивна програма веднаш после никнувањето на забите. Детето доаѓа во ординација да се запознае со амбиентот и инструментите, а бидејќи интервенциите не се болни целокупната ситуација за него станува интересна и со задоволство ја прифаќа.
Соработка со родителите
Доколку стравот е веќе присутен, соработката со родителите е пресудна, посебно во првата посета. Ако родителите во таа прилика му пружат на докторот соодветна почит, тоа ќе го направи и детето, а тоа е првиот предуслов за идна успешна соработка. Меѓутоа освен авторитет, детето во стоматологот мора да осети и пријател. Топлиот и благонаклонет став, почитувањето кон неговата личност, детето со својата интуиција ќе го осети и ќе го возврати со љубов и доверба. Малите деца мора да знаат за што доаѓаат на стоматолог, би било пожелно од дома да им се каже вистината. Важно е родителите да не се мешаат во комуникацијата помеѓу детето и стоматологот, туку тоа да го остават на самиот стоматолог.
Чекор по чекор
Од стоматологот никогаш не треба да се бара во една посета да се направат повеќе интервенции отколку што трпението на самото дете ни дозволува. Доколку детето се носи на стоматолог за првпат и не се работи за некоја итна интервенција, тогаш се предлага да се започне со некоја безболна интервенција. За жал, родителите се тие кои најчесто инсистираат веднаш и што е можно повеќе интервенции да се направат при една посета. Често е потребно во првите неколку посети да не се направи ниту една стоматолошка интервенција со цел да се добие довербата на самото дете.
Пишува: Д-р Ермина Ејупи
Стоматолог во приватната болница МЕДИКА Истанбул Тетово
Е-маил: ermina.ejupi@medicaistanbul.mk



