Церебралната парализа е невролошка состојба која начелно предизвикува ортопетско засегање. Настанува како последица од мозочна траума за време на бременоста, во текот на раѓањето или раниот развој, а  која ги погаѓа мозочните клетки одговорни за контрола на мускулниот тонус, мускулната сила и координацијата. Како детето расте, се појавуваат промени и на коските и зглобовите, што доведува до деформитети.

Првични знаци  на  ЦП се   засегнувањето на мускулниот тонус,  грубата и фината моторика, рамнотежата, координацијата, рефлексите и позицијата. Проблемите со јадење (џвакање и голтање) како и говорот можат исто така да укажат на ЦП. Постојат и придружни состојби, кои не се резултат на мозочното оштетување кое довело до ЦП, но често се јавуваат, како на пример, интелектуална попреченост, конвулзии, оштетување на вид и слух.

ЦП може да се појави во  блага форма, умерена и тешко изразена форма, што е во директна корелација со степенот на оштетување на мозокот.  Доколку станува збор за блага состојба, повеќето од знаците не се видливи веднаш по раѓањето, туку се појавуваат во текот на првите три до пет години. Заради тоа потешко се откриваат на време што оневозможува детето од најрана возраст да биде опфатено со програмите на рана интервенција. Во тој случај, прв знак дека можеби станува збор за ЦП е развојното доцнење, односно поспорото достигнување на развојните чекори. Први кои тоа го забележуваат се најчесто родителите, кои потоа бараат мислење  од стручни лица за процена на развојот. Целта е да што е можно порано се дијагностицира проблемот, меѓутоа треба да се води сметка за тоа дека мозокот се развива првите години во животот и дека дијагностичките методи  на почетокот можеби нема да ја покажат состојбата, но подоцна со истите тие методи ќе се види дека навистина постои мозочно оштетување.

Знаци на ЦП:

  1. Мускулен тонус

Ова е најочигледниот знак на ЦП.  За одржување на положбата, рамнотежата, за движење, потребна е соработка помеѓу различни мускулни групи.  За да се заземе одредена положба, една група мускули има зголемен тонус,  додека друга група мускули е релаксирана. При ЦП сигналите кои поаѓаат од мозокот и треба да стасаат до мускулите се измешани, што го отежнува или го оневозможува координирањето меѓу различни групи мускули. Најчести знаци за абнормален мускулен тонус се хипотонија ( намален тонус)  и хипертонија (нагласен, зголемен тонус).  Постојат и други облици на абнормален тонус, како што е дистонија (флуктуирачки тонус, понекогаш е нагласен,  понекогаш намален кај иста мускулна група), комбиниран (телото е во хипотонија а екстремитетитите се  хипертонични), мускулни спазми ( неволни и понекогаш многу болни мускулни контракции) , фиксирани зглобови идр.

  1. Движење, координација и контрола

Абнормалниот  мускулен тонус се одразува на екстремитетите и телото на детето на различни начини, поради што детето има проблем да изврши некое движење или да се одржи во положба. Понекогаш знаците се понагласени кога детето е под стрес  и спротивно, да исчезнат кога тоа спие.

Типови на засегнатост на контрола и координација се:

  • Спастични движења, при кои тонусот е нагласен, самото движење се врши со потешкотија, нозете се вкрстуваат, фиксирани зглобови и згрчени екстремитети…
  • Атетоза или испрекинати движења, доведуваат до изведување неконтролирани и некогаш бавни движења при пишување и често се нагласени при стрес
  • Атаксични движења, со лоша контрола и рамнотежа, кои и наједноставните секојдневни активности како миење заби, јадење, ставање монета во отвор на кафемат исл ги прават речиси невозможни
  • Комбинирани движења, од сите претходно наведени и засегаат различни мускулни групи

 

Типови на засегнатост на шемите на одење се:

  • Стапалата свртени со прстите према внатре (како шатче)
  • Стапалата свртени со прстите према надвор (Чарли Чаплин)
  • Накривнување, кога поголема тежина се става на едната нога
  • Одење на прсти
  • Пропулсивно одење, кога центарот на рамнотежата е пред телото, целото тело е со круто држење и наведнато према напред
  • Вкрстен од
  • Спастичен од, едната нога се завлекува ради мускулната згрченост
  • Од со влечење на стапалата
  • Паткин од, кога нема виткање во колковите и колената, нозете се зафрлаат

 

                                                                                            Д-р. Љубица Димовска (дипломиран дефектолог)

  1. Рефлекси

Рефлексите се несвесни движења на делови од телото, како одговор на некоја дразба. Постојат примитивни рефлекси кои  се присутни по раѓањето и исчезнуваат во одредени фази во развојот на детето. Кога тие не исчезнуваат во тој временски период , или пак ако воопшто и не се појавил некој, тоа е знак за ЦП. Некои од тие рефлекси се:

  • Асиметричен тоничен рефлекс, бебето лежи на грб, главата му ја вртиме на лево, левата рака и нога се исправаат а десната се витка како да позира. Се очекува да исчезне околу шестиот месец.
  • Симетричен тоничен вратен рефлекс, кој е значаен во развојот за бебето за да постигне одлепување од подлога дури лежи на стомак и да прејде во ползечка позиција. Се предизвикува кога бебето е на стомак и ако му ја насочиме главата према напред, рацете се виткаат а нозете се исправаат. И обратно, ако ја насочиме главата кон назад, рацете се исправаат а нозете се виткаат во колена, како да лази. Целосно е развиен меѓу 6 и 8 месец а исчезнува најдоцна до 2-3 година, односно се интегрира во свесно и волево движење.
  • Тоничен лабиринтен рефлекс е спротивен од претходниот, бебето лежи на грб, со насочување на главата напред екстремитетите се флектираат(собираат), а со насочување назад, се испружуваат. Се очекува да исчезне до 3 и пол годишна возраст.
  • Рефлекс на фаќање, на допир на внатрешната страна на дланката бебето ја стиснува како да фаќа нешто. Исчезнува меѓу 4 и 6 месец од животот.
  • Автоматски од, при контакт на стапалцата со подлога бебето наизменично ги спушта и подига и изгледа како да чекори. Исчезнува околу 5 месец.
  • Моро рефлекс или рефлекс на прегрнување, се предизвикува кога бебето ја губи сигурноста на подлогата под него. Тоа прво ги раширува рачињата, па ги вкрстува како да гушка нешто и заплакува. Исчезнува до 6 месец.
  • Спинален галант рефлекс, бебето лежи на стомак, го допираме лево или десно од ‘рбетот и бебето се извива на таа страна

До втората година бебињата подеднакво ги користат двете раце за играње и манипулација со предмети. Доколку дојде до порано одбирање на водечка рака, тоа е исто знак за можна ЦП.

 

  1. Постуралност (положба)

Во првата година, посебно првите месеци, постуралноста кај бебињата е симетрична. Пример, кога бебето седи, левата нога е како огледало на десната. Во секоја положба, бебето манифестира положбени или постурални реакции како резултат на промената на положбата на неговото тело и тие се јавуваат во одредени периоди од неговиот развој. Кај ЦП има асиметричност во положбите и неадекватни или воопшто непојавени постурални реакции.

Најчести постурални одговори се :

  • Повлекување во седечка положба (тракција)
  • Ландау рефлекс (бебето лежи на грб, ако му ја подигнеме главата ќе ги подигне и нозете, ако му ја спуштиме наназад –ќе ги спушти на подлога)
  • Порамнување на главата, доведување во средишна линија, се јавува меѓу 3 и 4 месец
  • Порамнување на телото, ако при седење го поттурнеме на десно, ја испушта десната рака за да се потпре на подлогата и да се врати во рамнотежа (околу 9 месец)
  • Падобранец одговор- ако го спужтаме со главата према подлога, пушта раце да се дочека (меѓу 8 и 10 месец)

 

  1. Рамнотежа

Засегањето на рамнотежата се гледа при промена на положбата, седење, исправање, одење….Во типичниот развој, додека се усвојува рамнотежата во секоја од овие позиции, децата повеќе ги користат рацете, а со тек на време развиваат сила, координација и рамнотежа и повеќе немаат потреба од рацете за да се одржат во положбата. Знаци дека можеби се работи за ЦП се   користење на двете раце за одржување рамнотежа, неможност да се седи без поддршка, гегав од, клатење при стоење, неможност за изведување на брзи маневри, неможност за играње ако се потребни двете раце за тоа и абнормални одечки шеми.

Проблемите во рамнотежата најчесто се поврзуваат со атаксичната  форма и понизок степен на спастичната форма на ЦП.

  1. Груба моторика

Засегањето во грубата моторика е последица на абнормалниот мускулен тонус (хипертонија и хипотонија). Како бебето расте, се очекува да достигне одредени развојни скалила во одреден период.  Ако бебето ги постигне подоцна од очекуваното или ако ги постигне но имаат лош квалитет, тоа се можни знаци дека станува збор за ЦП.  Функции на грубата моторика  се   одење, трчање, скокање, а посебни моменти на кои треба да се посвети внимание кога станува збор за ЦП се тркалање, седење, исправање, лазење, одење и одржување рамнотежа. Се забележува кога ги има детето достигнато и каков е квалитетот.

 

  1. Фина моторика

Фината моторика ги опфаќа прецизните движења кои ги вршиме со рацете (фаќање мали предмети, држење со палец и показалец,  внимателно спуштање на предметите на подлога, вртење страни на книга, користење молив, боички……)

Фините моторни вештини во себе ги имаат интегрирано   менталните способности ( план и резонирање) и физичките вештини (координација и сензација)

Засегање или задоцнета појава на фините моторни вештини согласно возраста на детето, како и треморот или тресењето на рачињата додека извршува некоја активност, се можен знак за ЦП.

 

 

  1. Орално моторна функција

Се однесува на користење на усните, јазикот и вилицата. Кај 90% од децата со ЦП се јавуваат проблеми со изговарање, џвакање, голтање и хиперсаливација.  Исто така може да бидат засегнати и дишењето, артикулацијата и гласот на детето.

Во зависност од типот на ЦП постојат различни видови на пореметувања во орално моторната функција, како што се: вербална и орална  апраксија, атаксична, стастична, флацидна и комбинирана дизартрија.

Хиперсаливацијата (лигавење) е исто така голем проблем, кој настанува поради неможноста да се координираат мускулите на лицето и усната шуплина. Децата имаат потечкотии да ја држат устата затворена, не можат да ја турнат плунката кон назад, не го контролираат добро јазикот и тешко голтаат.

Проблемите при исхрана исто така се присутни и често доаѓа до неможност да се изџвака храната, да му залетне залакот, да поврати детето итн.

 

Терапијата при ЦП има за цел на лицето да му  овозможи што поприфатлив и поздрав живот, а се состои од повеќе сегменти:

  1. Физикална терапија – ги подобрува мускулната сила, рамнотежата, координацијата, подвижноста и позицијата. Пред да се започне третманот се прави процена на состојбата и се одредуваат видовите вежби, оптоварување, справите на кои ќе вежба, времетраењето, помагалата кои ќе се користат.
  2. Окупациона терапија – ги развива и помага вештините од секојдневниот живот, како што се пишување, фаќање ситни предмети, облекување, исхрана, тоалета……Овие вештини овозможуваат што посамостоен и поквалитетен живот на детето.
  3. Говорна терапија – со оваа терапија се работи и директно на самиот говор, но и на способноста за џваканје, голтање, техниките за дишење, кои се исто така засегнати од првичното невролошко оштетување.
  4. Медикаментозна терапија – лицата со ЦП имаат и низа здравствени потешкотии за кои примаат лекарства, како што се епи напади, зголемена киселина во желудникот, инконтиненција, спастицитет….
  5. Оперативни зафати – со нив се подобрува позицијата и подвижноста
  6. Други интервентни мерки– корекција на вид, слух, ортодонтски проблеми и сл.

 

Сите овие мерки кои се преземаат имаат заедничка цел, а тоа е да се подобри квалитетот на живеење на лицето со ЦП, да се зголеми неговата самостојност  и да се олесни функционирањето на семејството во целина.

 

Автор: Д-р. Љубица Димовска (дипломиран дефектолог) ЈЗУ – Здравствен дом Скопје