Сколиозата е честа манифестација на развојните заболувања во период на забрзан раст на рбетот.  

Истата се манифестира со искривување на рбетот во страна, ротација на прешленските тела по надолжната оска и торзија (увртување) на рбетот. Описното значење на ротацијата е увртување на рбетот околу надолжната оска, а торзијата значи увртување на еден дел од прешленот спрема друг. Кај сите облици на сколиози постои опасност од зголемување на испакнатоста на кривината особено во периодот на интензивен скелетен раст. Оттука произлегува значењето на раната дијагностика со цел правовремено отпочнување со процедури за зајакнување на мускулатурата на грбот или превентивно спречување на зголемување на деформитетот поради неправилно држење на телото во секојдневни навики и активности.

Вообичаена поделба на искривувањата на рбетот во страна е на функционални (неструктурни) и структурни сколиози.

 

1.Кај неструктурните сколиози постои дисбаланс на мускулатурата од двете страни на рбетот, па затоа истите се нарекуваат и сколиотично држење. Кај овој тип на сколиози не постојат анатомски пореметувања. Сколиотичното држење може да биде условено од повеќе фактори кои доведуваат до различен тонус на задната мускулна ложа од рбетникот. Ваквите сколиотични држења се среќаваат при инегалитет на долните екстремитети (кога постои разлика во должината на двете нозе) при што поради денивелација на карлицата доаѓа до функционално искривување на рбетот во страна или при болни вертеброгени синдроми поради дисбалансот предизвикан од мускулен спазам на едната страна од рбетот.

Кај ваквите неструктурни сколиози не е потребен посебен третман, но истите треба да се следат заради одржување на мобилноста на мускулно-лигаментарниот апарат на рбетот. Други причини за сколиотично држење се деформитетите на колковите како оптеретувачки зглобови, дискалните хернии во мобилниот слабински дел од рбетот и акутните ревматолошки заболувања. За неструктурните сколиози кои се најчесто од времен карактер постои правило дека истите се нормализираат со отстранување на причината поради непостоење на анатомски деформитет на рбетот и прешлените.

2.Стуктурните сколиози етиолошки се делат на вродени и стекнати.

Истите се со анатомска промена на рбетниот столб, зглобните компоненти, лигаментите или паравертебралните мускули. Кај вродените сколиози кои се најчесто резултат на пореметување во ембриогенезата постојат и пропратни аномалии на други органски системи и истите во последно време се најретко застапени поради следењето на плодот во тек на бременоста со софистицирани дијагностики и рана детекција на вродените аберации.

На возраст до една година односно до проодување целиот рбетник завзема свиена положба која со тек на време добива своја посебна физиолошка физиономија поради формирање на цервикалната лордоза (вратната кривина со испакнување кон напред), торакалната кифоза (грбната кривина со испакнување кон назад) и лумбалната лордоза (слабинската кривина со испакнатост кон напред). Гледан од позади, рбетот нормално изгледа како надолжна права линија поради симетричната поставеност на рбетните прешлени еден врз друг кои се со квадратна форма. Зглобните стабилизатори и лигаменти ја одржуваат нивната пасивна стабилност. Мускулите од задната ложа на рбетот се активен стабилизатор при исправен став на телото или движења со наведнување и странично свиткување на рбетот. Кај сколиозите причинителот треба да се бара во еден од овие елементи кои го градат рбетот и ја одредуваат неговата фукционалност во целост како единствен орган по цела должина на телото од главата до тртната коска.

Клинички знаци за детекција на сколиозите.

На инспекција при исправен став на рамна подлога кај сколиозите се воочува нееднаква висина на двата рамени појаси со денивелација на рамениот појас спрема карлицата. Исто така кај клинички манифестни сколиози се детектира нееднакво развиена мускулатура со различна поставеност на висината на лопатките од задната страна на телото и со асиметрија на просторот помеѓу провиснатите раце и телото.

Од клиничките знаци се применува т.н. “bending test” (тест на претклон) при кој од стоечки став испитаникот се наведнува кон напред со слободно висечки раце. Со овој тест се воочува испакнатост на едната страна на ребрената грба (гибус) која секогаш се наоѓа на страната на испакнатоста на сколиотичната кривина. Ако асиметријата на рбетот од тест на претклон исчезнува при исправен став тогаш станува збор за сколиотично држење односно неструктурна сколиоза.

За прецизно одредување на сколиозите се применува рентген снимка по цела должина на рбетот во две рамнини (панорама на рбет) како стандардна радиографска метода со која се одредуваат аглите на закривувањата на физиолошките кривини односно се мерат отстапувањата од истите.

Симптоми

Кај недеформантните сколиози болката односно дискомфорт во предел на грбната регија не е карактеристичен клинички знак, но се тек на време поради нееднаквиот распоред на оптеретувањата врз рбетот постојат болни вертеброгени синдроми особено во средна и напредна возраст поради започнување на предвремена дегенерација на интервертебралните дискови од рбетот.

Лекување

Најчесто при рана детекција на сколиотичните држења во период од училишна возраст кај деца со неправилно држење на телото се применуваат кинезитераписки процедури кои се пропратна терапија и кај сколиози со индициран конзервативен третман на лекување. Превземањето на превентивни мерки за спречување на деформитетот на рбетот е од суштинско значење особено во период на забрзан скелетен раст (адолесценција) со редовно клиничко следење од страна на ортопед и специјалист по физикална медицина и рехабилитација и укажување на корективни навики во секојдневните активности односно изготвување на поединечни вежби за зајакнување на мускулатурата од задната ложа на рбетот.

Кинезитерапевтските третмани покажуваат дека е можно постигнување на позитивен баланс на мускулатурата преку одредување на индивидуални вежби за дишење и корекција на ставот во стоење, седење, создавање на навики за истегнување на скратените мускули, вежби за јакнење на поодделни групи на мускули со посебни програми за вежби во вода и пливање. Вежбите се одредуваат во зависност од возраста на пациентот, неговата кондициона подготвеност и се разбира степенот на сколиоза. Според досегашните искуства спортувањето и практикувањето на вежби се со неспорна медицинска вредност. Спортувањето е метода на избор кон која треба да насочуваат и родителите од рана возраст кај децата со цел да се превенираат состојби со искивување на рбетот. Особено што во школска возраст постои висок процент на застапеност на сколизи и сколиотични држења поради инактивитетни навики, долг тајминг на седење во школска клупа и зголемена употреба на домашен компјутер што го пасивизира детето во седечка положба со консеквентен дисбаланс на мускулатурата од грбот.

Од конзервативните методи на спречување на искривувањата се користат ортози за пасивна стабилизација во корективна положба на телото (рбетот) од типот на еластични или ригидни корсети.

Хируршкото лекување е резервирано за напредни сколиози со исклучителна деформација на рбетниот столб по поставена индикација од страна на лекар оператор.

 

Д-р.Тони Талески

Специјалист ортопед

ПЗУ Специјалистичка ординација по ортопедија“ST-medica” Скопје