Доколку во вашиот дом одгледувате ѕвездовидно растение од типот Calendula officinalis кај нас познато како невен, ви препорачуваме да го употребите цветот од невден (два-три цвета) да ги искомбинирате со банани, спанаќ и шипинки и ќе добиете највкусно смути на светот кој ќе видаде премногу енергија.  Овој рецепт за смути е предлог на нашиот соработник Љупче Бубе Трајчев.

За моќта и хранливата вредност на бананите спанаќот и шипинките неколку пати досега сме пишувале, накусо ќе споделиме неколку детали за растението Невен, кое како традиционален  цвет се одгледува во многу наши македонски семејства. Се работи за билка од семејството главоцветните (Asteraceae). Зависно од регионот во кој е засаден, невенот цвета од рана пролет до доцна есен. Додека во приморските и топли краеви може да цвета преку целата година.  Невенот има многу широка примена кај нас и во светот. Најчесто се  употребува како чај, можеме да го комбинираме и како додаток во салати и други јадења, додека пак за надворешна употреба го користиме во облик на масло, масти, облоги или чаеви за исплакнување. Во индустријата за храна и козметика  се  користи и како природна боја.  Листовите може да се јадат свежи како додаток во салата бидејќи се богати со витамини и минерали и по состав се слични со глуварчето.  Свежите цветни листови ви препорачуваме да ги користите како  додаток во салати, додека сувите листови  имаат снажен и концентриран вкус и би биле корисни како зачин  во супи  и колачи. Листовите содржат и значајни количини на витамини А и Ц и се користат за добивање боја која претежно наоѓа примена во индустриската храна. Бојата се користи и во козметички намени, претежно за правење боја за коса. Семето од невен содржи до 37% протеини и до 46% масти, но нема податок дека се користи во исхраната.

Докажано е делувањето на невенот како  антисептично и антибактериско и е многу ефикасен против различни воспаленија, габични инфекции, а најновите истражувања наговестуваат дека е корисен во борбата против ХИВ (вирус предизвикувач на СИДА). Корисен е за отстранување на отрови кои можат да направат различни хронични инфекции и трески како и кожни болести од типот на  егземи и акни. Добар е како средство за смирување на грчеви, против астма, спречува кашлица, тахикардија  и дури помага и при несоница. Од одамна во народната медицина се користи за залечување на рани, убод од инсекти, смрзнатини, чиреви, брадавици, народските- волчи очи и др. Офалмолозите често ќе ви препорачаат и ладен чај од невен со кој ќе ги плакнете очите при конјуктивит или стоматолозите ќе ви го препорачаат да правите гаргара по операција или вадење на заб. Поради благите естрогенски дејства во гинеколозите и билкарите ќе ги го препорачаат невенот за воспоставување на редовен мензис како и за смалување на менструалните болки кај младите девојки или кај климактерични жени.