Пред да почнам да се дружам со здравиот начин на живеење, поточно здравата исхрана, воопшто не ми доаѓаше на ум да ѝ посветам внимание на нејзиното величество – ВОДАТА. Се случуваше со денови да не се напијам ниту една капка вода, а да пијам некакви сокови под мотото дека имаат витамини, минерали (посебно оние 100%-те), па често дома имавме вакви сокови кои ги купувавме со пакети. Можеби ќе се случеше да се напијам вода кога ќе јадам солена храна, со или по јадењето. Никогаш не ми доаѓаше потреба да се напијам вода во утринските часови, ниту пак кога бев гладна. Јас едноставно немав навика да пијам вода. Дури мислев дека утринските отечени дланки на рацете и високиот крвен притисок ќе ми се влошат ако пијам вода наутро. ПОГРЕШНО!!! Зошто? Зошто ова мислење е погрешно? Зошто луѓето немаат потреба да пијат вода?! Зошто некои луѓе се нонстоп жедни? Во основа, човекот е 2/3 вода или приближно 66% вода. Повеќето луѓе не можат да живеат без вода повеќе од 4 дена. Во нормални услови (при нормална температура и здрав организам) за едно деноноќие телото губи над 2,5 литри вода преку урината, преку кожата. При физички активности, при повисоки температури на воздухот секако оваа количина на изгубена вода е многу поголема. Природно и нормално е да се грижиме да го надоместиме она што го губиме, па така сосема е нормално оваа загуба на вода по природен пат да ја надоместиме. Само така нема да дозволиме нашето тело да биде константно дехидрирано, а дехидрирано тело е болно тело.

Д-р Ф. Батманхелич (F. Batmanghelidjs), автор на книгата „Вашите тела многу плачат за вода“ (Your Bodys Many Cries for Water) You’re not Sick You’re Thirsty (Вие не сте болни Вие сте жедни) ги поврзува следниве заболувања кои се автентични за хронично дехидрирано тело: гастрити, чиреви во гастроинтестиналниот тракт, болки во зглобовите, астма, алергии и многу други заболувања. Д-р Батманхелич бил политички затвореник во ирачките затвори и таму навистина лекувал и излекувал огромен број затвореници само со терапија со ВОДА. Тој вели – Вие не сте само тоа што јадете, вие сте тоа што пиете!!! Тој става нагласка на важноста на водата со фактите – мускулите се составени од 75% вода, нашата крв која е преносител на сите хранливи материи до секоја клетка е составена од 82% вода, белите дробови што ни го даруваат неговото височество –кислородот се составени дури од 90% вода, нашиот ценет генерален директор – мозокот во составот содржи 76% вода, па дури и нашите цврсти коски во составот имаат 25% вода. По повеќе децении истражување, д-р Батманхелич доаѓа до заклучок дека во оптимални услови при оптимална телесна тежина потребата на нашето тело за вода е мин. 6 до 8 чаши на ден.

Јас секое утро го почнувам со пиење една чаша вода. Потоа истовремено пијам вода и јадам некој свеж овошен плод (вообичаено јаболко). Ова ми е редовен ритуал пред да излезам од дома, ритуал кој значи дека сум ја направила хигиената и однатре, а не само хигиена однадвор како миење лице, заби, тело. Е  вака на здрав начин го почнуваме денот – чисти и однадвор и однатре – многу едноставна утринска процедура која ни ги буди телото и духот. Потоа работејќи, извршувајќи ги активностите до 14 часот, кога правам пауза, чаша по чаша испивам околу 1,5 л. вода. Јас воопшто не ги бројам чашите, туку едноставно чувствувам потреба да ја испијам таа вода. Во почетокот кога почнав да се УЧАМ да пијам вода, буквално со сила ги броев чашите, но за кусо време, таквото, да речам, насилно пиење вода премина во навика. По оваа фаза на навика, доаѓа фаза која е веќе мое секојдневје, а тоа е природна ПОТРЕБА од пиење вода. Отоците на дланките ги немам, притисокот ми е нормален, но тоа секако се должи на комплетно сменетиот начин на исхрана со кој живеам веќе повеќе од петнаесет години.

-Дали чаевите, кафињата, безалкохолните напивки се сметаат за добра замена на водата? На ова прашање може да се одговори надолго и нашироко, но здравиот разум ми вели дека само вода (покрај нафтата) извира од земјата и само во водата семето ‘рти, гранчињата пуштаат корени, свенатите листови на моето цвеќе во канцеларијата, ако сме заборавиле за викенд да му ставиме вода, за помалку од еден час ќе ги крене листовите нагоре и ќе се почувствува животот во нив со само еден филџан вода. Можеби некој има некое друго сознание?! Секако дека некогаш ќе се напиеме и други напивки, но тие не се неопходни на нашата клетка. Претпочитајте вода пред која било друга напивка. Бубрезите ќе ви бидат благодарни бидејќи со помош на водата тие подобро ќе ја прочистуваат крвта и ќе ги елиминираат отпадните соединенија преку урината. Опстипацијата (запекот) ќе биде минато ако секојдневно ја дружите водата. Кожата ќе биде мека и чиста, а коските благодарни затоа што со водата им се одржува еластичноста, врзното ткиво ќе биде исполнето, а не да се губи, да се рони, да се калцифицира. Да не заборавиме дека водата нè прави среќни и здрави не само кога ја пиеме или ја апсорбираме преку свежите овошја и зеленчуци, туку и кога уживаме во неа преку пливање, туширање, парни бањи, хидромасажи… Зар не сте ја почувствувале силата на хидротерапијата со само едно утринско плискање на лицето со студена вода или туширање со наизменични млазови од студена и топла вода, утринско пливање во базен или езеро, море. Колку што повеќе ја почитуваме, толку повеќе од неа добиваме здравје, енергија, долговечност.

Каква вода да пиеме? Најчесто прашање е токму ова. Најдобра вода е природната, онаа од планинските извори, од врелата, од кладенците, но со оваа вода во градовите, за жал, не можеме да си уживаме. Останува тесен избор: вода од  чешма, купена вода во пластични шишиња или по можност, да се полни од извори надвор од градот. Секому му е познато дека водата од чешма има многу состојки (како што е хлорот), кои се додаваат за да се уништат одредени патогени микроорганизми, водата низ чешмите има бигор, таа минува низ дотраените цевки кои дополнително го зголемуваат загадувањето. За да добиеме чиста вода од нашата чешма, секако треба да користиме апарати за механичко и хемиско прочистување на водата и така ќе добиеме здрава и квалитетна вода за пиење од нашата чешма. Затоа им предлагам на градежните фирми што поскоро да почнат со вградување на овие апарати во становите (исто како што се вградуваат бојлери). Во секое домаќинство би требало да има вакви апарати за прочистување на вода преку кои ќе се снабдуваме со здрава и квалитетна вода која е предуслов за нашето добро здравје. Потребата на човекот да си го подобри квалитетот на живеење ги донесе во секое домаќинство машините за перење, електричните шпорети, фрижидерите, машините за миење садови и други апарати кои станаа полека но сигурно дел од нашите домаќинства. Затоа чинам дека овие апарати кои ќе ни донесат здравје преку квалитетната вода за пиење од нашите чешми нема ни случајно да биде луксуз туку ПОТРЕБА. Што се однесува до водата која ја купуваме, по можност да ја купуваме во стаклени шишиња и да купуваме одвреме-навреме разновидни видови вода, бидејќи секоја од овие води содржи одреден процент на минерали, за да не се дојде до хипо или хиперминерализација. Многу нешта останаа недоречени за водата, тоа е неисцрпна тема за истражување, но едно знам, водата е живот.

ЗАКЛУЧОК

Почнете го денот со пиење една чаша вода. Секој ден да се пие околу осум чаши вода,а во жешко време и при вежбање да се пие повеќе.

Да не се пие вода додека се конзумира готвено јадење и да се чека два-три  часа па да се пие вода.

 

                                                                                                                          Серт. Нутр. Цвета Динева

                                                                                                                        ЦД  ДИЕТ КЛУБ СКПОЈЕ