Доколку кроите планови каде и како убаво да го поминете викендов што ни следува нашата препорака е да го посетите прекрасното Берово, да уживате во сите убавини кои ги нуди и дала природата и да ги поддржите младите спортисти од ППК Зегин Берово (пинг-понгарски клуб Зегин Берово). За прв пат Беровчани ќе бидат домакини на Меѓународниот турнир „Зегин Опен 2022“.

Натпреварите на првиот Меѓународен турнир во пинг-понг „Зегин Опен 2022“ започнуваат викендов на 17 и 18 Септември, во салата Македонски Бранители во Берово, а досега на турнирот се пријавени вкупно 76 играчи од Македонија, Бугарија, Грција, Србија и Косово.

Настанот е во организација на пингпонгарскиот клуб „Зегин“ од Берово, Пингпонгарската Федерација на Македонија и компанијата „Зегин“.

Дојдете сите и гласно да ги бодриме Кристијан Каламадески, Антонио Аврамски, Сара, Михаела, Изабела и многу други млади учесници кои љубовта кон овој спорт силно ја споделуваат помеѓу своите врсници. Благодарение на господинот Благој Механџиски и компанијата Зегин, младите спортисти имаат услови, талент, желба за успех за кој веќе на Меѓународно ниво се бележи една нова историја за Беровчани.

На ФБ страницата на ППК  Зегин Берово, покрај тоа што ја имате на увид целата агенда на натпревари, прочитавме еден статус на Зоки Таневски  кој во целост Ви го пренесуваме:

Боксот го има Златен гонг, пливањето Охридски маратон…. Сите спортови имаат свој бисер. Пинг понгот го добива својот дијамант во круната. Турнирот Зегин ОПЕН, за прв пат се одржува во Малешевијата, во Берово, Берово кое едноставно експлодира промовирајќи ја популарноста на овој спорт. Со Зегин ОПЕН се поставуваат нови стандарди, не само во Македонија, туку и на Балканот и пошироко. Меѓународниот турнир со вкупен награден фонд од 5 000 евра е нешто досега што не е видено на овие простори. Пинг понгарскиот клуб Зегин од Берово од година во година изненадува со своите промоторски постапки и можеме само да очекуваме, кој ќе биде следниот потег, што ќе го повлечат. Ова нека биде поттик и за другите клубови, па заедно после да го подигнеме нивото многу повисоко.🇲🇰🇲🇰🏆🏆🥇🥇💯💯🏓🏓🏓🏓💯🏓🏓🏓🏓🏓🏓

Фото: Фејзбук ППК Зегин Берово