Екипата на Метаболизам.мк се сретна со Орце Ѓорѓиевски (кандидат за градоначалник на општина Кисела Вода).  Средбата беше во популарното кафуле Кватро, кое Орце ни спомена дека најчесто состаноците ги организира на ова место, вели тука се чувствува најпријатно. И нам ни беше пријатно, затоа што не зборуваваме за актуелната политичка сцена, за неговиот најголем опоненет, за програмата и сл. Сакавме да го запознаеме во едно поинакво светло. Деновиве го запознаваме Орце политичарот, кандидат за градоначалник на општина К. Вода. Ги слушаме неговите  решенија за  новиот изглед на општината доколку раководи со неа. Кисела Вода  во која израснал и во која расте и неговиот син, го изненадивме со првото прашање, директно го прашавме, Кој е Орце Ѓорѓиевски?

  • Ама директно ме погодивте со прашањето. Најголем предизвик ми е да зборувам за себе во трето лице, особено кога треба да се опишувам себе си’ надвор од политиката, но Орце пак во животот секогаш сакал предизвици и најчесто тие се оние кои ми се двигателот. Па еве вака, да пробаме. Орце е семеен човек, сопруг на Мартина, татко на Ведран. Другар кој ден денес негува и одржува другарства од детството и младоста. Орце е дете родено и израснато во н. Драчево, а понатаму семејниот живот го продолжува во н. Расадник во Кисела Вода. Израснат во религиозно семејство, а во сите предизвици низ животот вербата кон Бога само ми се зајакнала. Поради неа се изгради во хуман човек кој од срце сака и чувствува среќа кога помага. Орце е човек кој професионално е дисциплиниран, строг кон себе и работните задачи, а приватно може нескромно да се пофали како еден од најголемите шегаџии во друвштвото. Орце е човек кој е расипувач на забави во случај ако сакаш да конзумираш алкохол или сакаш да играш на музика во диско, затоа што ни едното ни другото не му претставува задоволство и во неговиот живот како возрасен човек тоа му е комплетно измачување (хахаха). Орце е веќе изградена личност со ставови и вредности, човек на кој најмногу му значи семејството и кој за цел во животот му е да биде добар пример за неговото дете.   Добро е, мислам дека е успешно совладан предизвикот: зборување за себе во трето лице хаха

Знаеме дека сте во кампања и сте постојано на терен со вашата екипа, имате ли доволно време за себе? Имате ли квалитетен сон, ввреме за семејството?

  • Искрено откако ми започна кампањата со квалитетен сон не можам да се пофалам. Всушност, подолги години сум активен со политичкиот ангажман, мојот ритам на живеење подразбира работа без работно време, а тоа значи и најчесто спиење од максимум 5 до 6 часа во ноќта. Веќе тоа ми е моето нормално и функционирам дури и подобро од кога би бил наспан 8 часа. Време за семејството секогаш имам. Гледам убаво да ми се прилагоди агендата, таа најчесто е густо набиена, но рано наутро е тоа време кога со син ми Ведран ги имам најдолгите прегратки и време за одговарање на “1000 зошто 1000 затоа”, поради тоа што сега тој е во таа фаза од неговиот живот во која активно спознава свесно се околу него. Ме прашавте – Време за себе? Па, искрено ова јас го доживувам како време за себе. Јас живеам од секогаш темпо кое подразбира терен, средби со луѓе и разговори со истите, наоѓање решенија на одредени проблеми, општествени активности и сл. Тоа мене ми е време за себе, затоа што не ми претставува проблем и не го гледам како работа, едностабно тоа е моето битисување.

Како реагира вашето синче за активностите на тато? Тато на телевизија, дебати, на билборди, поздравуван од граѓаните. Знае ли Ведран за кампањата на тато?

  • Он е срце на тато (се смее). Со сопругата на почетокот го потценивме зошто сметавме дека е многу мал и нема потреба сега да го оптеретуваме со информации и на некој начин да го заштитиме од секој притисок. Ведран е во години кога се разбира но на таа возраст децата знаат поинаку да ги толкуваат работите. Нашата грижа траеше дури четири дена (се смее) знаете, Ведран е бистро дете кое веднаш сфати дека нешто различно се случува. Потоа ги виде спотовите, билбордите, почестите настапи на тв и сега секако дека веќе  се знае. Реагира позитивно, се радува, смислува песни со паролите од нашата кампања, црта писма за поддршка за тато, а најинтересно е што често знае да прераскаже дел од она што го чул на тв дека сум го кажал, а а ќе го направам за нашата Општина. Најмногу се радуваше на промоцијата на Програмата, каде даваше аплауз и вееше знаменце на Македонија. Инаку, интересен факт за него е дека има огромна љубов кон нашето знаме и татковина и морам да потенцирам дека никогаш ме сме го форсирале тоа врз него. Вам можеби би ви звучело клише но тоа е навистина изворно само од себе кај него.

Вашата сопруга Мартина на социјалните медиуми  постојано ви дава поддршка, колку има разбирање кон сите заложби кои ги давате, учествува ли со идеи,  колку ја вклучувате во кампањата?

  • Знаете како рекол Платон, Љубовта е радост за добрите, чудо за мудрите и восхит на боговите. Од мојата сопруга добивам голема енергија, топлина, радост, добрина, мудрост дури и чуда кога нешто го сметаме за невозможно а се остварува. Мартина е сопруга, мој животен сопатник и мојата најголема поддршка во животот. Ова не го велам само поради мојата кандидатура, туку така е уште од првиот ден од кога сме заедно секако и обратно. Заедно се бодриме и чекориме храбро кон се. Таа има огромно разбирање, најдобро ме познава и затоа ја разбира мојата желба нешто да променам на подобро во нашето општествено живеење како граѓанин. Во кампањата е активно вклучена преку идеи и креирање концепти, заедно со мојот тим се еден моќен двигател на мојата кампања. Придонесува многу. Еве и ќе ви откријам дека најпрепознатливите идеи доаѓаат токму од неа и истовремено се грижи за нашиот син и сите обврски околу него и домот.

Кој е вашиот најголем критичар?

  • Знам да бидам многу самокритичен. Секако на прво место е фамилијата, тие секогаш го мислат најдоброто и директно и без заобиколување ќе ми кажат се. Сопругата е првата која секогаш ми дава сугестии и забелешки. Потоа, тука се моите родители и нејзините родители кои даваат критика, без разлика дали се работи за позитивна или конструктивна. Ги прифаќам, анализирам и рецензирам  сите  критики, затоа што тие ми се најискрените и најголемиот коректив кој можам да го имам и во професијата и во приватниот живот.

 Кога последен пат сте гледале филм, некоја серија или книга?  Кои македонски и странски филмови ви се омилени, на кои прво ќе се сетите?

  • Кога последен пат гледав фим (хм…се смее) Пред некој ден на Тв случајно на некоја од нашите телевизии, бев преморен и не знам дали јас гледав филм или телевизорот мене (се смее). Се шегувам. Најчесто во викендите откако Ведран ќе заспие со сопругата пуштаме да гледаме некој филм, морам да кажам дека сме многу спротивни при изборот. Таа сака романтични, комедија, драма, трилери додека пак јас сакам мистични, авантуристички, документаристички, биографски, историски, ретко некоја добра акција или трилер. Ги сакам македонските филмови, веднаш ќе го издвојам филмот Сенки на Милчо Манчевски, потоа и Балкан-Кан, Тетовирање, До Балчак и други. Не можам а да не ја издвојам глумата на Мел Гибсон во филмот Храбро срце, во моментов ми текна и на Гладијатор и ред други. Серии не гледам често, дури и не сум љубител на сериите и искрено постојат две серии кои сум ги гледал последниве 15 години и тоа Two and a half men и Аccording to Jim. И тоа години подоцна, во време кога  траеа карантините, претходната година, ја гледав повторно Два и пол мажи и тоа сосема случајно ја даваа на телевизија. Книги често читам историски. Може да станува збор за книга која е класично историско четиво со податоци и факти или книга која прераскажува нечија судбина во дадено историско време. Последната прочитана книга ми е “ Под црвеното небо” од Марк Саливен.

Поддршка добивате и од многу спортисти. Се заложувате за нови спортски терени и игралишта. Дали сте љубител на некој спорт, тим, клуб, спортист?

  • Многу убаво сте приметиле, поддршка ми даваат многу спортисти и сум им благодарам од срце. Пред се тие се мои пријатели и мои омилени спортисти кои ја направиле нашата држава горда со своите успеси. Сум спортувал активно во тинејџерските години, сега посетувам само теретана. Лојален фан сум на Вардар. А цел ми е да можам во следна прилика да кажам дека сум фан и на некој наш спортски клуб од Кисела Вода кој би бил прволигаш. Поради тоа ќе се залагам за подобри услови за спортистите во нашата Општина. Бидејќи ние имаме квалитетни спортисти и надарени таленти, но за жал немаме квалитетни услови за тренирање какви што заслужуваат.

Имате ли некое свое омилено место во општината во која се кандидирате за градоначалник? Каде одите на излет, прошетка, каде пазарувате? Омилена пекара?Кафуле?

  • Ми го погодивте прашањето (се смее). Македонија е богата со природни убавини и затоа сметам дека не постои човек кој нема некое свое омилено место во најблиското опкружување кое му дава некоја сила, енергија и го смета за омилено. Во делот на излетнички места во нашата општина, за жал и тука сме оскудни и лимитирани (еве се заложувам оваа состојба да ја променам). Често семејно одиме во Манастирот Преполовение Руса Среда познато како Пеленица и Три круши во Драчево. Пазарувам локално од една мала локална продавница во Расадник и од маркетот “Дим” кој е во непосредна близина на мојата зграда. Омилена пекара ми е пекара“10”, а кафуле во кое сум најчесто е токму ова во кое го правиме разговорот – Кватро.

И давате поддршка на независната кандидатка за градоначалик на Скопје Данела Арсовска,  велите Скопје ќе биде европски град.  Кој е вашиот омилен град во Европа?

  • Со сопругата сме љубители на патувањата, но како велат дома си е дома. Омилен град во Европа ми е нашето Скопје, а омилена инспирација за промени на подобро ми е градот Љубљана. Иако, не толку далеку, сепак е ризница на добри примери од урбаното и современо живеење, а сепак хумано живеење.

Кое е вашето животно мото?

  • Моето мото и мантра во животот е да веруваш во себе и дека секоја животна борба се случува со добра причина.

Нема да ве задржуваме многу, за крај,  што ќе им препорачате на жителите од К.Вода?

  • На моите сограѓани би им препорачал само да се присетат во каква општина живеевме до сега, да се присетат како до пред 2 месеци ниту една работна акција не сретнавме живеејќи секојдневно како граѓани од кои не се очекува гласот зад параванот. Како се третирани само за пред избори, а заборавени години наназад. Да распознаат политички фарси, наспроти искрена желба и заложби. Да препознаат способност и реални проекти, човек кој кога го дава зборот го исполнува, наспроти човек кој веќе го дал пред 4 години, но го погазил. Им препорачувам на денот на изборите да ја дадат поддршката за мене како нивни нов администратор на Општината, за една нова подобра иднина, во која сите заедно ќе ги растеме своите поколенија, но и во која ние ќе продолжиме да живееме, меѓутоа похумано, посовремено, подостоинствено. Иднина во која нашата општина нема повеќе да биде руина во споредба со другите, во која секој ќе има свое катче од интерес и општина во која основните потреби на урбаното живеење нема да бидат горка реалност. Би им препорачал да ја дадат нивната поддршка за чесност и посветеност, работливост и исполнителност, за да можеме следните 4 години да се гордееме со местото каде што без притоа да чекаме на она фамозното “ќе” на кои за жал како да се навикнавме. Ви препорачувам драги мои сограѓани да излезете најмасовно до сега и да создадете промена на подобро утре за сите нас. А вам ви благодарам за прашањата со кои ме изненадивте, искрено, уживав во овој кафе муабет.