Под фини моторни вештини се подразбира способноста да се контролираат и координираат малите мускули на рачниот зглоб и дланката. Овие вештини се развиваат од раѓање, а се неопходни како би можело бебето да фаќа и држи предмети, прво за играње а во понатамошниот период  и за самопомош (јадење, облекување исл). Развојот на фината моторика  се базира на 4 важни вештини: фаќање, посегање, намерно испуштање на предмети и слободно движење на дланката во сите правци.  Овој процес се одвива  во повеќе чекори и оди  во правец од градниот кош кон прстите:

  • Во првиот месец дланките се затворени, присутен е рефлексот на фаќање
  • Од 1 до 3 месеци постепено се отвораат дланките, ако му ставиме предмет во рачето пасивно го задржува и кон крајот на третиот месец може спонтано да го испушти или со леснотија да му го земеме.
  • Со полни 3 месеци бебето ги доведува рачињата во средишна линија, си ги држи преплетени прстињата , почнува да го држи шишето, не самостојно, туку рачињата ги става во таа положба
  • Во четвртиот месец бебето почнува да посега во ниво на градниот кош и да си ги загледува дланките (ги носи во видно поле)
  • Во петтиот и шестиот месец се појавува целно посегање по подалечни предмети, кои прво ги дофаќа и држи со две раце или само со една, а потоа да го префрла предметот од една во друга рака. Визуелната контрола е присутна, а фатот е со цела дланка.
  • Во седмиот и осмиот месец бебето може да задржи во секоја рака по еден предмет, кратко време, па спонтано го пушта едниот. Фатот е со опозиција на палецот и сите прсти.
  • Во деветиот месец може намерно да го испушти предметот што го држи. Влече чаршав од маса и тегне врвка на играчка.
  • За десетиот месец е карактеристичен пинцета фатот, односно фаќа ситни предмети со испружени палец и показалец. Во секоја рака држи по еден предмет и може едниот да го испушти за да земе трет кој е пред него
  • Во 11 месец се јавува клешта фатот, односно фаќање со свиткани палец и показалец. Пробува да извади предмет ставен во шише и умее да извади дел од сложувалка.  Ја носи раката во која држи пр.топче кон кутија или кон раката на возрасниот за да ја даде, но уште не ја отвара дланката да го испушти.
  • Во 12 месец успева да подаде предмет на барање, пушта коцки во кутија и може да држи две мали коцки во една рака. Пробува да шкрта со боица.

Како да се  стимулира фината моторика кај бебињата:

  • Во првиот период по раѓањето се препорачува да не му се ставаат ракавички на бебето додека е будно. Тоа е период кога дланките се затворени и со ракавичките се оневозможува слободно движење и отварање на прстињата и дланките.
  • Му се ставаат во рака меки тропалки, а може и марамче или негово чорапче свиткано во топче. Првично фаќањето е несвесно, рефлексно, но се делува на позицијата, односно отвореноста на дланката
  • Бирајте меки тропалки со контрастни бои , безбедни за може да ги става и во уста
  • Над креветчето (релаксаторот, количката…) ставете висечки играчки, кои прво бебето ќе ги гледа, па случајно ќе ги допре за со тек на време целно да почне да посега по нив и да ги фаќа и удира
  • Ставајте го на стомаче, да научи да си ја носи тежината на телото прво на рацете а потоа и на колената
  • Кога ќе седне стабилно, пред него ставете кутија со секојдневни предмети кои не се опасни за него и се со различна форма, цврстина, текстура и материјал (тропалки, плишани играчиња, пластично чинивче и лажиче, негови надраснати бебешки патичиња….) Стимулирајте го да ги дофаќа и разгледува предметите, да ја истура кутијата….
  • Да држи во секое раче по еден предмет, да ги удира еден од друг
  • Стимулативно делуваат различните текстури наспроти мазните материјали
  • Кон крајот на првата година децата почнуваат да ги поврзуваат предметите со активностите, па искористете го тој момент да ја стимулирате функцијата на раката (да се избрише со влажно марамче, да држи лажица и да ја носи кон устата, исто и чаша за пиење вода……)

Што би не загрижило во поглед на фината моторика во првата година на бебето? Кои се знаците за доцнење во нивниот развој?

  • Доколку има слаба мускулна сила и лоша контрола на движењата на рацете
  • Самостојната игра се јавува со задоцнување
  • Задоцнет сензорен развој заради одложената активна употреба на предмети
  • Дланката и прстите немаат сила за манипилација со предмети
  • Координацијата на двете раце меѓусебно и визуелната контрола се слаби

Опишаните развојни чекори на фината моторика и предвидениот временски тајминг одговараат за деца родени во термин и без никаков ризик. Доколку бебето е родено предвреме или со некаков ризик кој дава реперкусија по раниот развој, тогаш направете процена на развојот во развојните центри и советувалишта за да добиете насоки за стимулација и корекција на евентуалните развојни отстапувања. Исто така исконсултирајте ги стручните лица доколку вашето дете е родено без ризик а манифестира некои од знаците за доцнење на фините моторни вештини.

 

Автор:Д-р. Љубица Димовска , дипломиран дефектолог во Развојно одделение при ЈЗУ -Здравствен дом Скопје